„Фокус“ открива: Најголемиот донатор на ДУИ донирал речиси три пати повеќе од дозволеното!

by fokus

Фирмата за градежништво „Еуровиа ДООЕЛ“ на Ељмедин Адеми, внук на поранешниот министер Абдулаќим Адеми, минатиот месец го доби тендерот за изградба на нов објект на полициската станица Аеродром. Вредноста на набавката чии носител е МВР на министерот Оливер Спасовски изнесува нешто над 2 милиони евра.

Фирмата која ќе ја гради полициската станица е избрана од „четврта среќа“, откако претходно три пати постапката била поништувана.

Истражувањето на овој тендер објавено во последниот број на неделникот „Фокус“ не само што не доведе до најголемиот донатор на ДУИ за 2022 година, туку откри уште еден скандал.

Имено, фирмата „Еуровиа“ која ќе ја гради полициската станица во Аеродром, чија изградба треба да стартува оваа година, и нејзиниот сопственик Ељмедин Адеми се најголеми донатори на ДУИ за 2022 година. Притоа, се отвора и прашањето дали овие донации го надминуваат законски дозволениот лимит?

Сопственикот Ељмедин лани на ДУИ како физичко лице и донирал 2.509.200 денари, додека правното лице „Еуровиа“ донирало 1.845.000 денари.

Според последните измени на Законот за финансирање партии, физичко лице на партија смее да донира износ не повисок од 30 просечни плати. Просечната плата во ноември 2022 година, последен месец за кој имало податоци во текот на 2022 година, а воедно и месец со највисока просечна плата во 2022 (без декември) изнесувала 33.011 денари.

Ова значи дека највисокиот износ кој физичко лице смеело да го донира во текот на 2022 година бил 990.330 денари. Сопственикот на „Еуровиа“ со донацијата од 2.509.200 е речиси три пати над законскиот износ.

Од Државната комисија за спречување корупција на само кусо ни потврдија дека донацијата на Ељмедин Адеми „го надминува износот кој физичко лице може да го донира согласно со членот 16 од Законот за финансирање на политичките партии“.

Но, иако извештаите за донациите за 2022 година се веќе доставени до инситуциите, вклучително и извештајот на ДУИ, досега ниту една институција нема преземено ништо за незаконската донација.

Што се однесува до правните лица, максимумот што правно лице смее да го донира на партија е 60 просечни плати, односно 1.980.660 денари. Како правно лице, „Еуровиа“ ја нема надминато законски дозволената донација.

Интересно е што вториот најголем донатор на ДУИ за 2022 година е исто така поврзан со „Еуровиа“. Станува збор за фирмата „Виаком ДООЕЛ“, која донирала ист износ како „Еуровиа“, односно 1.845.000 денари. И тие, за разлика од физичкото лице Ељмедин Адеми, внимавале да бидат во рамки на законскиот лимит.

Официјално, сопственик на „Виаком“ е Арбе Адеми, чие име може да се најде на официјалната веб-страницата на „Еуровиа“ како лице кое работи во фирмата како финансиска поддршка и човечки ресурси.

Од Еуровиа за „Фокус“ велат правото на поддршка и донација за политичка партија е нивно демократско право.

Без разлика на поддршката МОРАЛНА или ДОНАТОРСКА која ние сме подготвени да ја дадеме кон некој политички субјект чии идеали ги почитуваме, во тек на учество при тендерски постапки, таа подршка не може да се позиционира над Закон за јавни набавки чиви прописи секој Договорен орган – Државна институција строго ги почитува“.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА

Поврзани новости