(АРХИВА) Најголемиот донатор на ДУИ „Еуровиа“ ќе гради полициската станица во Аеродром за 2 милиони евра!

by fokus

Текстот е објавен на 17 мај 2023 година во неделникот Фокус со број 1.441.

Во мај годинава „Фокус“ го откри скандалот со фирмата „Еуровиа“, која тогаш доби тендер од МВР за изградба на полициска станица. Нашето истражување покажа дека сопственик на фирмата е внук на поранешниот министерот од ДУИ, Абдулаќим Адеми, но и дека фирмата и нејзиниот сопственик биле најголеми донатори на ДУИ во 2022 година, со суми што го надминуваат законскиот лимит.

Ељмедин Адеми и неговите компании во 2019 година стануваат донатори на ДУИ, а од 2020 почнуваат да добиваат тендери од државните институции. Последно, МВР ја избра фирмата на Адеми да го гради новиот објект на полициската станица во Аеродром. Според информациите до кој дојде „Фокус“, оваа тендерска постапка неколкупати била поништувана, потоа се сменил предметот на набавката, а во рамки на успешната постапка неколку фирми биле елиминирани.

Пишувала: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА

Ељмедин Адеми во јавноста стана познат во 2014 година, кога неговата фирма „Скрин-медиа“ беше една од четирите фирми која доби концесија од Град Скопје за поставување билборди.

Сопственикот и управникот на оваа компанија за надворешно рекламирање, формирана во 2008 година, набрзо по доаѓањето на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, е син на братот на поранешниот министер за образование, вицепремиер за Рамковен договор и генерален секретар на ДУИ, сега покојниот, Абдулаќим Адеми.

БИЗНИС-ИМПЕРИЈА

Од тогаш па до денес, Ељмедин Адеми има изградено бизнис-империја под капата на „Еуровиа Холдинг“, која претходно го носеше името „Адел Холдинг“.

Во рамки на оваа групација, чии сопственици се Ељмедин и Ељдин Адеми, функционираат: „Еуровиа ДООЕЛ“, „Еуровиа ДМД“ „Еуровиа Аграр“, „Трибека“ и веќе споменатата „Скрин-Медиа“.

Првата фирма на листата, онаа за градежништво „Еуровиа ДООЕЛ“ минатиот месец го доби тендерот за изградба на нов објект на полициската станица Аеродром. Вредноста на набавката чии носител е МВР на министерот Оливер Спасовски изнесува нешто над 2 милиони евра.

Еуровиа Холдинг и мрежата од фирми ќерки

Фирмата која ќе ја гради полициската станица е избрана од „четврта среќа“, откако претходно три пати постапката била поништувана.

Имено, во септември 2021 година за првпат бил распишан оглас каде предмет на договор биле 3 објекти на МВР, меѓу кои и изградба на полициска станица Аеродром.

Првиот оглас се состел од четири дела, кои предвидувале реновирање на објекти во Полициски центар Идризово, реновирање на просториите на МВР во зграда на МТВ, изградба на нов објект на Полициска станица Аеродром и вршење стучен надзор над изградба на градежен објект.

ПЕТ ФИРМИ ЕЛЕМИНИРАНИ

Во март 2022 година, овој оглас бил поништен бидејќи понудувачите понудиле цени и услови за извршување на договорот за јавна набавка кои се понеповолни од реалните на пазарот.

Потоа бил распишан нов јавен оглас, на кој биле избрани фирми за три дела од јавната набавка: реновирање на објекти во Полициски центар Идризово, реновирање на просториите на МВР во зграда на МТВ и вршење стучен надзор над изградба на градежен објект, а делот за изградба на нов објект на Полициска станица Аеродром бил поништен. Потоа, МВР одлучува да распише нов оглас чиј предмет на набавка ќе биде само изградбата на полициската станица.

Но, и следната постапка која се однесува само на полициската станица е поништена во ноември 2022 година бидејќи „не е поднесена ниту една понуда или ниту една прифатлива понуда“.

Во јануари годинава се објавува нов оглас на кој конечно се избира фирма за изградба на нов објект на полициската станица Аеродром, а тоа е „Еуровиа“ на Адеми, која понудила најниска цена на електронската аукција.

На тендерот учествувале вкупно 12 економски оператори од кои 5 биле елиминирани во текот на постапката, односно во фазата на евалуација, и не стигнале до електронска аукцијата.

Од МВР до затворање на овој број на весникот не одговорија која била почетната цена што ја понудиле петте фирми кои биле елиминирани и не добиле шанса да учествуваат во негативно наддавање.

Причините поради кои петте фирми биле елиминирани од постапката, биле тоа што во финансиската понуда немале пополнето полиња на единечна цена, односно некои немале само единечна цена, други и единечна и вкупна и цена со ДДВ.

Еден економски оператор, пак, како што велат од МВР, немал документи за подизведувачите.

Рокот на огласот бил и на два пати продолжуван поради поставени прашања пред јавно отворање од страна на економските оператори, кои придонеле да има измени во тендерската документација. Измените се однесувале на технички работи во однос на објектот.

СЛЕДЕТЕ ГО ПРОЕКТОТ ДО КРАЈ“

„Фокус“ испрати прашања до 12-те фирми кои учестуваа на тендерот, а од оние кои не беа избрани единствено одговори фирмата „АК Инвест“, од каде не известија дека учествувале во 3 постапки за изградба на полициската станица, од кои првите две биле понишутвани.

По спроведената евалуација, бевме поканети да учествуваме на електронска аукција преку системот на ЕСЈН. Со одлука и заедничка координација меѓу менаџментот и одговорните инженери беше направена и финансиска конструкција (лимит) до каде би можеле да учествуваме на електронската аукција.

Кога цената од наддавањето и од другите економски оператоти кои учествуваа на аукцијата стигна до нашиот лимит, ние престанавме со понатамошно наддавање“, објаснија од „АК Инвест“.

Од таму додаваат дека се надеваат дека проектот ќе се заврши навремено и квалитетно во согласност со техничките спецификации кои беа барани во тендерската постапка, со цел да се задржи соодветната фер конкуренција на пазарот.

На добитникот на тендерот му посакуваме успешна работа (навремена и квалитетна), додека пак на Договорниот орган да добие објект кој е во согласност со техничките спецификации, и Вам како медиум да го следите проектот во сите фази од изведбата“, ни порачаа од „АК Инвест“.

Интересно е што „АК Инвест“, заедно со фирмата-победник на тенедерот за полициската станица во Аеродром – „Еуровиа“, минатата година ја доби зделката тешка скоро 1 и пол милион евра за реконструкција и пренамена на објекти во касарната Илинден, каде треба да биде сместен Универзитетoт „Мајка Тереза“.

Според податоците од Централниот регистар, „АК Инвест“ е во сопственост на бизнисменот Азби Ибрахими, чиј син Фитим Ибрахими своевремено ја основаше компанијата за трговија со струја „У-Повер“ заедно со Аријанит Џафери, кој пак е син на поранешниот вицепремиер и министер Муса Џафери.

И „АК-Инвест“ соработувала со голем број на државни институции и јавни органи, во голем дел раководени од кадри од ДУИ. Но, „Фокус“ пишуваше за оваа компанија и како поранешен сопственик на деловен објект во центарот на Тетово, кој во меѓувреме премина во сопственост на партијата на Али Ахмети.

ДОНАЦИЈА НАД ДОЗВОЛЕНИОТ ЛИМИТ

Инаку, фирмата „Еуровиа“ која ќе ја гради полициската станица во Аеродром, чија изградба треба да стартува оваа година, и нејзиниот сопственик Ељмедин Адеми се најголеми донатори на ДУИ за 2022 година. Притоа, се отвора и прашањето дали овие донации го надминуваат законски дозволениот лимит?

Сопственикот Ељмедин лани на ДУИ како физичко лице и донирал 2.509.200 денари, додека правното лице „Еуровиа“ донирало 1.845.000 денари.

Според последните измени на Законот за финансирање партии, физичко лице на партија смее да донира износ не повисок од 30 просечни плати. Просечната плата во ноември 2022 година, последен месец за кој имало податоци во текот на 2022 година, а воедно и месец со највисока просечна плата во 2022 (без декември) изнесувала 33.011 денари.

Ова значи дека највисокиот износ кој физичко лице смеело да го донира во текот на 2022 година бил 990.330 денари. Сопственикот на „Еуровиа“ со донацијата од 2.509.200 е далеку над законскиот износ.

Што се однесува до правните лица, максимумот што правно лице смее да го донира на партија е 60 просечни плати, односно 1.980.660 денари. Како правно лице, „Еуровиа“ ја нема надминато законски дозволената донација.

Интересно е што вториот најголем донатор на ДУИ за 2022 година е исто така поврзан со „Еуровиа“. Станува збор за фирмата „Виаком ДООЕЛ“, која донирала ист износ како „Еуровиа“, односно 1.845.000 денари. И тие, за разлика од физичкото лице Ељмедин Адеми, внимавале да бидат во рамки на законскиот лимит.

Официјално, сопственик на „Виаком“ е Арбе Адеми, чие име може да се најде на официјалната веб-страницата на „Еуровиа“ како лице кое работи во фирмата како финансиска поддршка и човечки ресурси.

7 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ТЕНДЕРИ

Ова не е прв пат „Еуровиа“ да и донира пари на ДУИ. Нејзините донации започнуваат во 2019 година кога „Адел Холдинг“ (старото име на „Еуровиа Холдинг“) донира 1.045.000 денари.

Во 2020 година „Адел Холдинг“ донира 631.400 денари и токму тогаш нејзините фирми-ќерки почнуваат да се појавуваат во електронскиот систем за јавни набавки како избрани на тендери од различни институции. Во 2021 година пак, како донатор на ДУИ се јавува фирмата ќерка „Скрин-медиа“, која донира 1.230.000 денари.

Во 2021 година Еуровиа Холдинг доживува експанзија и огромен раст на добивката

Од 2020 година па до денес, фирмата-ќерка за градежништво – „Еуровиа“ има добиено вкупно 14 тендери од државни инситуции во вкупна вредност од околу 7.200.000 евра. Тендерот за полициската станица во Аеродром не е најголемиот кој фирмата го има добиено.

Најголемиот тендер е оној од Министерството за животна средина, а се однесува на изградба на канализациона мрежа во Камењане и Боговиње и истиот изнесува 2.303.000 евра. Овој тендер е добиен во 2021 година.

Токму оваа година „Еуровиа“ успеава да ги дуплира приходите во однос на 2020 година, а нето добивката ја зголемува за 22,9 отсто и таа достигнува 570.000 евра.

Во 2014 година кога „Фокус“ пишуваше за „Скрин-медиа“, нејзиниот сопственик Ељмедин Адеми изјави дека не се блиски со ниту една партија, туку како фирма која работи со рекламирање, партиите ги гледаат како потенцијални клиенти и затоа соработуваат со сите.

НАШЕ ПРАВО Е ДА ДОНИРАМЕ“

Но, денес, речиси 10 години подоцна и седум милиони евра добиени во тендери, од „Еуровиа“ не кријат која политичка партија ја поддржуваат и велат дека правото на поддршка и донација за политичка партија е нивно демократско право.

Тоа право НИ ДОЗВОЛУВА и на нас како граѓани на РСМ да покажаме поддршка кон Политичката партија во нашиот случај Демократска унија за интеграција – чии идеали, цели и политичка програма ја поддржуваме и сметаме дека се најсоодветни за економски и општествен развој за нас како граѓани“, директни се од „Еуровиа“ на нашето прашање какви се нивните релации со ДУИ.

Од „Еуровиа“ тврдат
МОРАЛНАТА И ДОНАТОРСКА ПОДДРШКА НЕ Е НАД ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ

Во однос на прашањето на „Фокус“ дали донирањето има некаква поврзаност со тендерите кои компанијата ги добива од државните институции, добивме одговор од „Еуровиа“ кој го пренесуваме интегрално:

Донирањето кон Демократска унија за интеграција се однесува спрема горенаведеното изјаснување ЗА ДЕМОКРАТСКО ПРАВО НА ПОДДРШКА и ПРАВО НА ДОНАЦИЈА кон Политичка партиjа која своеволно и свесно ја поддржуваме, исклучително заради нивните идеали, цели и политичка програма.

Процедурите за јавни набавки т.с Тендерските постапки подлегнуваат кон Закон за јавни набавки. Доста строг и прецизен закон кој не остава простор на ниту еден економски оператор да може да отстапи од пропишаните законски регулативи, при учество во тендерски постапки.

Секоја институција има неколку члена комисија и евалуацијата тече во неколку инстанци. Секој енономски оператор при процесот на евалуација ЗАДОЛЖИТЕЛНО да ги исполни сите услови и законски прописи согласно Тендерска документација и ЗЈН за да може да се квалификува за понатамошна постапка.

Без разлика на поддршката МОРАЛНА или ДОНАТОРСКА која ние сме подготвени да ја дадеме кон некој политички субјект чии идеали ги почитуваме, во тек на учество при тендерски постапки, таа подршка не може да се позиционира над Закон за јавни набавки чиви прописи секој Договорен орган – Државна институција строго ги почитува“.

Законски дилеми
ДОНАЦИЈА ЗА ВРЕМЕ НА АКТИВЕН ДОГОВОР

Во пресрет на парламентарните избори во 2016 година, ДУИ на Али Ахмети им ги врати донациите на две приватни компании, бидејќи во исто време работеле на јавни проекти врз основа на договор за јавна набавка склучен со јавни установи.

Како што тогаш објави „Фокус“, станува збор за фирмите „Голец Транс“ и „Беша Транс“, кои во првата половина од кампањата на интегративците донирале вкупно 40.000 евра, иако биле под активни договори за јавна набавка. Во таква ситуација, партијата тогаш одлучи да им ги врати парите назад, повикувајќи се на Законот за финансирање на политички партии.

Во овој случај со „Еуровиа“, ДУИ ќе треба да го направи истото, доколку во моментот на донацијата фирмата имала активен договор за јавна набавка. Но, во извештаите за примени донации, не може да се види датумот кога секоја донација е примена.

 

Поврзани новости