МНР ќе го повика конзулот од Минхен за да се утврди дали ќе добие дисциплинска постапка

by Fokus

Генералниот конзул на земјава во Минхен, Реџеп Демири, ќе биде повикан на консултации во Министерството за надворешни работи поради содржина на негова објава на Фејсбук, најавија денеска од МНР.

„Во врска со објавата на Фејсбук со содржина, која се коси со Законот за надворешни работи и етичкиот кодекс на дипломатите, генералниот конзул во Минхен ќе биде повикан на консултации во Министерството за надворешни работи веднаш штом се создадат услови за патување, кои во моментов се отежнати со оглед на пандемијата“, – објави МНР на официјалната страница на Фејсбук.

МНР наведува дека консултациите ќе бидат во насока на испитување на околностите за утврдување евентуална одговорност врз основа на дисциплинска постапка.

Дел од медиумите пред два дена објавија дека генералниот конзул во Минхен на својот фејсбук-профил објавил содржина во врска со настаните од конфликтот во 2001 година во која го честита „ослободувањето на Слупчане и Карадакун“.

Ваквата објава сега е недостапна на фејсбук-профилот на конзулот.

Поврзани новости