Министерството за надворешни работи денеска реагираше на соопштението на Синдикатот на македонската дипломатска служба. Во реакцијата на МНР се вели дека конкурсите за упатување во дипломатско-конзуларните претставништва се редовна пракса кои се споделуваат согласно прецизни процедури.
-Овој редовен повик е спроведен исто како и сите други редовни годишни повици. Избраните колеги за секоја од позициите се селектирани низ конкурентна процедура. Покрај разбирливата намера од поединци да се политизира секоја можна прилика, цениме дека е некоректно политичкото етикетирање на колеги кои во оваа и во бројни претходни прилики биле упатувани во дипломатско-конзуларните претставништва, велат од МНР.
Во нивната реакција пишува дека ваквата постапка на Синдикатот е некоректна, особено затоа што дел од лицата што денеска реагирале во име на Синдикатот ја имаат поминато истата процедура за мандати во дипломатско-конзуларните претставништва.