Министерството за надворешни работи преку Амбасадата на Република Македонија во Вашингтон по дипломатски пат побара став од американскиот Стејт департмент за изјавите на американскиот конгресмен Дана Рохрабакер изнесени во интервју за „Визион Плус“ од Тирана.
„Конгресменот e член на Комитетот за надворешни работи и претседател на Поткомитетот за европски работи. Неговите искажани ставови предизвикуваат голема вознемиреност околу Македонија и во регионот. Истите разгоруваат националистичка реторика во соседството, со што не враќаат во минатото.
Веруваме дека Стејт Департментот соодветнo ќе отстрани секаква дилема околу изнесените позиции, како и дека ќе ја афирмира својата политика кон Македонија и Балканот“, се вели во реакцијата на македонското Министерство за надворешни работи.
Американскиот конгресмен Дана Рохрабакер во интервјуто за „Визион Плус“ рече дека „создавањето на Македонија е пропаднат проект и оти сега биле создадени сите околности да се подели меѓу соседните држави, вклучувајќи ги и Косово и Бугарија“.