Многумина „поцрнеа“ од САД, но засега никому не му се стемни во Македонија!

Груевски, Мијалков, Камчев, Самсоненко и последно Анѓушев, како и нивни роднини, се најдоа на „црната листа“ на САД за период од околу една година, а во неа посредно беа споменати и Заев и Рашковски. И многу фирми поврзани со нив „поцрнеа“ од страна на Американците, меѓу кои „И.Ц.И.Ц Кфт“, „Орка Холдинг“, „Орка Фајненс“, „Камчев Консалтинг“, „Систина Лајф Кеар Центар“, „Бет сити“. Не само што тие непречено работат, некои од нив покренуваат и крупни бизнис-операции, како што е обидот на „Орка“ на Камчеви за целосно преземање на тетовски „Жито Полог“.

by Фокус

Додека се чекаат измените на Законот за рестриктивни мерки, со цел, покрај правно обврзувачките резолуции на Советот за безбедност на ОН и правните акти на ЕУ, како основ за рестриктивни мерки да се додадат и мерките на САД, речиси сите лица и фирми опфатени со американската „црна листа“ непречено функционираат во земјава, а дел од нив покренуваат и крупни бизнис-операции.

„Со оглед дека САД се наш децениски партнер и сојузник во реализацијата на стратешките цели на државата и реформските процеси, што вклучува и континуирана поддршка и соработка на полето на владеење на правото и борба со корупцијата, неопходно е изречените санкции да имаат конкретни ефекти и во нашата земја“, велат за „Фокус“ од кабинетот на вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска.

Во периодот од 2022 година досега, на „црната листа“се најдоа поранешниот премиер Никола Груевски и неговиот братучед Сашо Мијалков, бизнисменот Орце Камчев и неговата мајка Ратка Камчева, рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина Самсоненко, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, а последно и поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев.

Тие ја поткопале правната државата и ги злоупотребиле позициите и/или капиталот, поради што се сметаат за неподобни за влез во САД, а воедно им се забрануваат трансакции и им се замрзнуваат имотите, доколку ги имаат.

Индиректно, на американската „црна листа“ се најдоа и многу компании поврзани со нив, меѓу која и е унгарската „И.Ц.И.Ц Кфт.“ (I.C.I.C. Kft.), формирана од страна на Груевски како друштво со ограничена дејност во Пецел, Унгарија.

Како што своевремено пишуваше „Фокус“, тој со неговата матична адреса на живеење во скопска Кисела Вода е наведен како единствено овластено лице во унгарската фирма.

Каква унгарска фирма на Груевски влезе на црната листа на САД?

Додека беше премиер, Груевски беше вмешан во коруптивни дела кои вклучуваа искористување на неговото политичко влијание и моќ за лична корист. Постојат веродостојни информации дека Груевски ја злоупотребил моќта на својата функција за да бара и зема мито во замена за владини договори, присвојувал државни средства и се мешал во изборните процеси за да има политичка корист за себе и за неговата партија“, стои во одлуката на Стејт Департментот.

Исто така, Вашингтон и за Мијалков наведе дека бил вмешан во коруптивни дејствија кои вклучувале искористување на неговото политичко влијание и моќ за личен бенефит.

Воедно, во одлуката се напоменува дека има веродостојни информации оти тој ја злоупотребил моќта и функцијата за да бара мито во замена за зделки со Владата, како и дека се мешал во изборите… Сепак, не е опфатена ниту една компанија од големата семејна бизнис-империја на Мијалкови.

Имено, како што пишувал „Фокус“ во повеќе наврати, Јордан Мијалков, син на Сашо Мијалков, преку „Бест Веј Инвестмент“ делува во нафтениот бизнис („ОМ Петрол“), угостителскиот сектор („Дивелоп Груп“), а до неодамна беше дел и од бизнисот со игри на среќа („Макс Бет“).

Притоа, поседуваат вредни објекти, како хотелот Мериот во центарот на Скопје, но и акции во повеќе друштва.

АРХИВА Мијалкови станале газди на „Софија Градба“, преку која влегле во „Жито Полог“, „Пелагонија“ и „Здравје Радово“!

 

АРХИВА Мијалкови станале косопственици на хотелот Мериот и на плац покрај Охридското езеро!

 

АРХИВА Мијалкови ќе отвараат казина и обложувалници заедно со српскиот „крал на коцката“

Во тој контекст, неодамна пишувавме и за компанијата „ССИ Инвестмент“, која, како што се испостави во случаите „Империја“ и „Плацеви на Водно“, била покритие за 3 стана на Груевски во комплексот Панорама на Водно и цела зграда на Мијалков во центарот на Скопје.

Според податоците што ги обезбедивме, таа преминала во сопственост на компанија на синот на Азби Нуредини, кој поседуваше бензиски пумпи, влезе во трка за градоначалник на Сарај, а бил и командант на ОВК.

Како фирмата што криеше имот на Груевски и Мијалков заврши во фамилијата на поранешен албански политичар и припадник на УЧК?

Набргу после братучедите, на американската „црна листа“ заврши и бизнисменот Орце Камчев, кој своевремено отворено се декларираше како пријател на Мијалков, а еден објавен аудио разговор покажа дека одржувал комуникација со Груевски и по политичките промени.

Сепак, пријателството пропадна, особено откако Камчев сведочеше дека му чувал станови на Груевски и беше „заслужен“ за докажувањето дека фамозната офшор-компанија „Ексико“ е во сопственост на Мијалкови.

Случај „Империја“: Замрзнати се акции на „Ексико“, хотел Мериот, Офицерски…

„Господинот Камчев ја злоупотребил својата позиција, ангажирајќи се во коруптивни активности и спроведувајќи себична агенда на сметка на демократските институции и граѓаните на Северна Македонија – изјави Брајан Нелсон, потсекретар за тероризам и финансиско разузнување во Министерството за финансии на САД.

Во соопштението на американското Министерство се наведува и кривичното досие на Камчев, кое, според САД, трае од почетокот на милениумот, од кога, како што се нагласува, Камчев „интензивно се занимава со корупција, вклучително и злоупотреба на службената положба, перење пари и други прекршоци.

Камчев ги искористи своето коруптивно влијание и своето богатство за да манипулира со судскиот систем на Северна Македонија во негова корист“, се истакнува во објавата на Вашингтон, што значи блокирање на имотот на Камчев во САД, но и имотот на нему блиски лица и компании, како и сите финансиски конекции со Америка и со американски државјани и компании.

Набргу потоа, САД на „црната листа“ ги стави неговата мајка Ратка Камчева, рускиот бизниснисмен Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина Самсоненко, како и повеќе компании поврзани со нив, меѓу кои „Орка Холдинг“, „Орка Фајненс“ и „Камчев Консалтинг“, „Систина Лајф Кеар Центар“, „Бет Сити“…

Иако Вашингтон предупредува дека може да „настрада“ секој кој има финансиски врски со македонскиот бизнисмен, сепак, очигледно тоа не ги спречува Камчеви да водат бизнис-операции во земјава, вклучително и со компанија која е на американската „црна листа“.

Како што објавивме претходно, веднаш откако Камчеви и нивни компании осамнаа на „црна листа“, тие токму преку „Орка“ најавија намера за целосно преземање на тетовскиот мелнички комбинат „Жито Полог“, каде и сега имаат доминантна контрола врз акционерскиот капитал.

„Орка“ на Камчеви тргна во целосно преземање на „Жито Полог“, веднаш откако осамнаа на американската „црна листа“!

Санкциите против бизнисменот Камчев значат дека целиот негов имот што го поседува во САД се замрзнува. Се блокираат и сите субјекти кои се во директна или индиректна негова сопственост, а во кои тој поседува барем 50 отсто, а се забрануваат и сите трансакции од други лица кои би можеле да го таргетираат и него.

Злоупотребата на службената положба, перењето пари, митото, во кои господинот Камчев бил дел, не само што ја нарушува довербата во правосудните институции, туку претставува и предавство на граѓаните на оваа држава. Граѓаните заслужуваат институции во кои ќе веруваат, кои ги следат демократските вредности, кои се транспарентни и не прават компромиси – изјави американската амбасадорка Ангела Агелер на специјална прес конференција за додавањето на Камчев на листата на санкции.

Инаку, Сергеј Самсоненко, Ирина Самоненко и Ратка Камчева се именувани согласно извршната наредба 14033 на американската администрација поради „материјално помагање, спонзорирање или обезбедување на финансиска, материјална или технолошка поддршка, како и стоки и услуги за поддршка на Јордан Камчев“.

Основата за ставањето на црна листа за брачната двојка Самсоненко и мајката на Камчев се трансакциите опфатени со случајот „Плацеви на Водно“.

Помеѓу 2017 и 2018 година, Самсоненко и неговата сопруга, Ирина Самсоненко, исто така двојна државјанка на Русија и на Северна Македонија, купиле земја од Јордан Камчев. Оваа набавка на крајот го поттикна Самсоненко да сведочи пред судот во Северна Македонија за време на судскиот процес „Парцели на Водно“ во кој и Камчев и неговата мајка Ратка Куноска Камчева беа обвинети за перење пари.

Во 2021 година, Самсоненко извршил исплати на неговата сопруга Ирина. Во истиот рок, Ирина префрлила пари на „Камчев Консалтинг“ Скопје ДООЕЛ и „Орка Фајнанс“ Скопје ДООЕЛ и двете компании се поврзани со Камчева. Исто така, во истиот временски рок, парите што им биле префрлени на „Камчев Консалтинг“ и „Орка Фајнанас“ беа искористени за плаќање на заем поврзан со „Орка Холдинг“ АД, компанија поврзана со Јордан Камчев.

Дополнително, Самсоненко и Ирина ја купиле фирмата „Систина Лајф Кеар Центар“ Скопје ДООЕЛ, друг субјект вмешан во судскиот процес „Парцели на Водоно“, од Камчев и Камчева. Конечно, Бет Сити Интернационал ДОО Скопје, спортска обложувалница, половина е во сопственост на Самсоненко, а половина сопственост на Орка Холдинг, чиј директор е СДН Јордан Камчев“, се вели во одлуката на Американското министерство за финасии.

Во претпоследното проширување на „црната листа“, пак, беше опфатен контроверзниот црногорски бизнисмен Миодраг Давидовиќ – Дака, кој го купи тетовскиот комбинат за да гради згради и деловни објекти, меѓутоа новата локална власт го укина урбанистичкиот план.

Во пакет со него, се споменуваат поранешниот владин генерален серкетар Драги Рашковски и експремиерот Зоран Заев.

„Тој беше вмешан и во скандалот што доведе до апсење на Рашковски, главен советник на Заев“, стои во одлуката на американското Министерство за финансии, во која уште се додава дека Рашковски наводно примил поткуп од Давидовиќ за да има средба со Заев, со цел да ги унапреди бнеговите бизнис-интереси.

Пред да изгради „урбана џунгла“ во Тетово, Дака осамна на „црна листа“ на САД: Кој е контроверзниот црногорски бизнисмен?

Со исклучок на Рашковски, на никој од споменатите „поцрнети“ функционери и бизнисмени влакно не им фали, а посебно не на нивните компании, кои имаат забрана за работа во САД, но во земјава непречено функционираат.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, смета дека треба да се донесе законско решение со кое фирмите кои се или ќе се најдат на американската „црна листа“ нема да можат да учествуваат на тендери објавени од државни институции во земјава.

Ние разговаравме еднаш по првото објавување на листата и очекувам дека ќе треба да се донесат одредени конкретни мерки. Јас очекувам да се создаде законска можност ваквите компании да нема да можат да учествуваат во јавните набавки во кои ќе се исплаќаат јавни пари или на конкретните лица или на компаниите коишто ги имаат. Така што преку една дискусија сигурно ќе мора да воведеме и некакви нормативни мерки коишто практично ќе ги тангираат ваквите лица – рече Спасовски.

Прашан во врска со споменувањето Заев и Рашковски во образложението за црногорскиот бизнисмен Дака, тој рече дека „образложенијата и споменувањата не се одлука“.

Сличен став има потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски, кој вели дека се сложува со предлогот на Спасовски, но смета дека тој нема кредибилитет да дава такви предлози.

Ако Спасовски го релативизира споменувањето на двоецот Заев-Рашковски во пакет со Дака, Николовски го става акцентот токму на овој случај.

Своевремено презентирав докази дека пари од сомнителен капитал кои можеби потекнуваат од војните од поранешна Југославија во Македонија стигнуваа преку офшор фирми од Панама, но обинителството не смогна сили да го реши овој случај – рече тој.

И министерот Бујар Османи, чиј сопартиец Рамиз Мерко ја отвори летната сезона со македонски државјани на „црната листа“ на САД, се согласува со предлогот на Спасовски, оние кои се таму да добијат забрана да добиваат јавни пари на граѓаните.

Но, не се согласува со јавноста која смета дека владата и државата не прават ништо со корумпираните од листата на САД.

Министерството веќе комуницираше со институциите одговорни околу финансиската циркулација во државата, со цел да се преземат мерки и да се ограничи протокот на средства за тие компании. Но ако треба доплнителни мерки ја сум „за“ – порача Османи.

Во најновото проширување, на „црната листа“ се најде и поранешниот вицепремиер Анѓушев, поради, според одлуката објавена на веб-страницата на американскиот Стејт департмент, „вмешаност во значителна корупција“.

Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси и ја поткопа довербата на јавноста во Северна Македонија во владините институции и јавни процеси“, стои во одлуката.

После тоа, вицепремиерката Грковска изјави дека веќе се предложени измени во Законот за рестриктивни мерки, кои поминале на Влада, со цел освен санкциите од ЕУ и ОН, да бидат додадени и санкциите на САД, што, според неа, ќе биде дополнителна вредност во борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Сепак, само да напоменеме дека актуелната владејачка гарнитура уште во 2021 година најави Закон за потекло на имот, со цел да се олеснат процедурите за испитување на скриен имот запишан на фиктивни лица, но ваков закон се уште не е донесен.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости