Како фирмата што криеше имот на Груевски и Мијалков заврши во фамилијата на поранешен албански политичар и припадник на УЧК?

„ССИ Инвестмент“, која беше покритие за 3 стана на Груевски во Панорама и цела зграда на Мијалков во центарот на Скопје, преминала во сопственост на компанија на синот на Азби Нуредини, кој поседуваше бензиски пумпи, влезе во трка за градоначалник на Сарај, а бил и командант на ОВК.

by Фокус

Од епилогот на судските процеси „Плацови на Водно“ и „Империја“ произлезе дека компанијата „ССИ Инвестмент“ била покритие за скриен имот на поранешниот премиер Никола Груевски и неговиот прв братучед Сашо Мијалков. На име на оваа компанија се водеа 3 стана во „Панорама“ и цела зграда спроти ЗОИЛ, кои се испостави дека биле во реална сопственост на братучедите. Откако овој имот беше конфискуван од страна на државата и сѐ уште се чека да биде продаден, компанијата веќе премина во сопственост на друга „фамилија“, поточно во рацете на синот на албански бизнисмен, поранешен кандидат за градоначалник на Сарај и некогашен командант на логистика на 115-та бригада на УЧК.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Компанијата што криеше станови на поранешниот премиер Никола Груевски и зграда на неговиот братучед Сашо Мијалков преминала во сопственост на синот на поранешен албански бизнисмен и политичар, кој воедно бил и припадник на УЧК, пишува најновиот број на неделникот „Фокус.“

Станува збор за друштвото „ССИ Инвестмент“, основано во 2009 година со основна главнина од 5 илјади евра, од страна на двајца содружници. Едниот бил Ристо Секуловски, кој поседувал една третина од главнината, додека две третини поседувала компанијата „Риоба“ со седиште во Лихтенштајн, која важи за специфична јурисдикција.

Во однос на Секуловски, „Фокус“, пред неколку години пишуваше дека формирал компанија во Грција, која се јавува како сопственик на комплексот „ЕОС Луксузни Апартмани“, лоциран на Халкидики. Тој е зет на некогашниот „крал на тутунот“ Данчо Шутурков и важеше за долгогодишен близок пријател со покојниот Жарко Луковски, некогашен оперативен директор на „Телеком“, познат и по кумовско-пријателските односи со Мијалков и Орце Камчев.

АРХИВА Дали Жарко Луковски стои зад луксузните апартмани во Грција што ги изградил негов пријател!?

Инаку, прв управител на „ССИ Инвестмент“ била Снежана Стефанова-Влчевска. Проверките што ги извршивме покажуваат дека таа се јавува како овластено лице во уште две компании. Една од нив е „Елан Пропестис Инженеринг“ во сопственост на „Риго Холдинг“ од Курасао, а другата е „ЈМС Инвестмент“ на Серјожа Марков и Лазар Чукиќ, први луѓе на добропознатото адвокатско друштво „Чукиќ и Марков“.

Дополнително, Стефанова-Влчевска била дел од органите и на другите две компании со сличен назив. Тоа се „Елан Пропестис ДООЕЛ“ на истоимената холандска компанија, која своевремено беше најавувана како инвеститор што ќе го гради комплексот позади „Рамстор“, и „Елан Пропестис БЦ-С“ во сопственост на „Алфекс инженеринг“, која, пак, е во сопственост на „Санта Лучија Фајненс“ од холандски Антили.

Моментално, управител на „Елан Пропертис ДООЕЛ“ е Весна Ефтимова, која, меѓу другото, била управител и на „Архи Инвестмент“, која, пак, била сопственик на поранешното друштво „Архи“, а денешно „Панорама Резиденс“, каде што се лоцирани тајните станови што Груевски ги добил како компензација на плацовите на Водно. Пред да пропадне во 2014 година, „Архи Инвестмент“ била во сопственост на „Ексико“ на Мијалкови и на „Орка“ на Камчеви.

Историјатот на промени покажува дека само една година по формирањето на „ССИ Инвестмент“, Ефтимова влегува во неговата сопственичка структура, но не како управител, туку како (ко)сопственик. Практично, таа го презема уделот на „Риоба“ од Лихтенштајн од две третини, станувајќи партнер со Секуловски, кој го задржува својот малцински удел од една третина.

И, така е сѐ до 2016 година, кога на нивно место како единствен сопственик на друштвото влегува Мето Стојчевски, зет на Камчев. Токму тие, условно кажано, му ја запечатија судбината на Груевски во „Плацови на Водно“, со сведочењето дека преку оваа фирма му чувале 3 стана во „Панорама“. Арно ама, по окончувањето на процесот, фирмата преминала во туѓи раце.

Во периодот кон крајот на минатата 2022 и почетокот на актуелната 2023 година, нов сопственик на „ССИ Инвестмент“ станува „Пеј Смарт 24“, компанија за „останати услужни дејности“, основана во 2016 година. Единствен сопственик и управител на друштвото е Рубин Нуредини, син на далеку попознатиот бизнисмен Азби Нуредини, кој порано беше кандидат за градоначалник на Сарај.

„Фокус“ дојде до одлуката за истапување и пристапување на содружник со преземање удел, како и до договорот за пренос. Од овие документи се заклучува дека Нуредини презема 100 отсто од уделот на Стојчевски, што произлегува од основната главнина на друштвото, претставена преку непаричен влог во вредност од 5 илјади евра, кој се состои од компјутери, принтери, бироа, фотелји, мобилен и комода.

Содржникот што истапува од ССИ Инвестмент, Мето Стојчевски, се согласува уделот што произлегува од основачкиот влог на друштвото, кој се состои од непаричен влог, да го преземе содружникот што пристапува Пеј Смарт 24 за паричен надомест во висина на вредноста на понудениот дел“, се наведува во одлуката за пренос на удел.

Во договорот меѓу двете страни, пак, стои дека Стојчевски изјавил оти нема неподмирени обврски во однос на даноци и придонеси, царински задолжувања и други јавни давачки, како и дека наведениот удел е „негова исклучива сопственост со која може слободно да располага“ и дека „трети лица немаат никакви сопственички и други права“.

Понатаму, во членот 4 од договорот се наведува дека втората страна, односно помладиот Нуредини, е запознаен со состојбата на имотот на друштвото, односно дека недвижниот имот е конфискуван во корист на државата согласно правосилна судска пресуда, како и дека освен постојниот удел внесен како основачки капитал, друштвото не располага со друг недвижен и подвижен имот.

По официјален пат, се обративме до „Пеј Смарт 24“, со прашање под кои услови и со која цел и намера ја презеле „ССИ Инвестмент“? Исто така, прашавме со каков имот моментално располага „ССИ Инвестмент“ и какви се нивните планови во врска со овој имот? Меѓутоа, не добивме никакви одговори!

Освен што извршивме увид во досието во Централниот регистар, побаравме податоци и од Катастарот на недвижности, со цел да провериме дали компанијата поседува друг имот покрај оној што беше конфискуван. Притоа, дојдовме до информација дека друштвото поседува една мала парцела, која се наоѓа во строгиот центар на Скопје, поточно во Дебар Маало, веднаш до партизанска.

Претходно, освен трите апартмани во Панорама, оваа компанија поседуваше зграда на 3 ката. Се работи за објект со површина од речиси 2 илјади квадратни метри лоциран спроти зградата на „Виена осигурување“, или позната како ЗОИЛ. Денес, според катастарската евиденција, овој објект е во сопственост на Агенцијата за управување со одземен имот, откако во „Империја“ беше утврдено дека негов краен сопстеник бил Мијалков.

Токму во овој објект беше лоцирано седиштето на добро познатата компанија за обезбедување „Секјурити Груп Сервисес“ или СГС, која е активна до ден денес, па дури и сѐ уште добива тендери од разни институции. Официјално, компанијата е во сопственост на Дејан Кировски, но „бомбите“ своевремено открија дека управителот Мирољуб Давидов постојано се координира со Мијалков за деловни одлуки на фирмата.

За врската со Мијалкови говори и една објава што ја пронајдовме во Службен весник од средината на 2017 година, која претставува нотарски акт склучен меѓу „ССИ Инвестмент“ и „Бест Веј Инвестмент“, во сопственост на синот на Мијалков – Јордан Мијалков. Станува збор за договор за хипотека со банка за обезбедување кредит од милион евра, при што „ССИ Инвестмент“ е должник-кредитокорисник, „Вест Веј“ е хипотекарен доверител, а заложното право е засновано токму врз споменатиот објект.

Достапните информации говорат дека Азби Нуредини, татко на сопственикот на „Пеј Смарт 24“ Рубин Нуредини, своевремено беше активен во нафтениот сектор и поседуваше бензински станици на излезот од Скопје.  Порано, бил активен во најстарата албанска партија ПДП, а подоцна се доближи до ДПА и беше кандидат за градоначалник на Сарај од редовите на оваа партија. Тој учествуваше на локалните избори во 2013 година, кога освои 38 отсто од гласовите.

Од јавно објавените фотографии може да се види дека има конекции со повеќе партии, со оглед дека е овековечен и со заменик-министерот за внатрешни работи од ДУИ, Назим Буши, со независниот пратеник, кој се отклони од Алтернатива, Скендер Реџепи Зејди, а постојано ја истакнува блискоста и со Рамуш Харадинај.

Најчесто, Азби Нуредини настапува како поранешен припадник на ОВК. На неговиот фејсбук-профил, тој постојано споделува фотографии од припадници на УЧК и изразува поддршка на борбата за права на Албанците. Во еден настап на „Лајм“, кој го претставува како командант на логистика на некогашната 115-та бригада на ОВК, неодамна изјави дека со нерешавањето на статусот на ОВК се крши Член 9 од Уставот.

Македонските политички партии мора да се откажат од двојната игра, од причина што овде не зборуваме за решавање на статусот на поранешните војници на ОВК, туку зборуваме за спроведување или неспроведување на Уставот, кој јасно вели дека сите граѓани на РМ се еднакви пред Уставот и пред законот – рекол тој.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости