АРХИВА Мијалкови ќе отвараат казина и обложувалници заедно со српскиот „крал на коцката“

by Фокус

Текстот е објавен на 22.06.2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1185

Откако семејството на Сашо Мијалков ја формираше компанијата „Бест Веј Инвестмент“, прво влезе во нафтениот бизнис преку „ОМ Петрол“, а подоцна ја откупи и „Софија Градба“, со што автоматски стана дел од сопственичката структура на „Жито Полог“, „ЗК Пелагонија“ и „Здравје Радово“. Но, Мијалкови не застанале тука, бидејќи, според новите информации што ги обезбеди „Фокус“, месецов ја основале компанијата за приредување игри на среќа „Макс Бет“, во партнерство со истоимената српска компанија на познатиот бизнисмен Саша Марчета. Тој своевремено беше обвинет за нелегално организирање игри на среќа, меѓутоа годинава беше ослободен од обвинувањата

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Додека поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков речиси секојдневно го посетува скопскиот кривичен суд поради делата што на товар му ги става Специјалното јавно обвинителство, неговиот син се повеќе ја шири бизнис империјата, што почна да ја гради веднаш откако неговиот татко се повлече од јавната служба. Како што е познато, првиот братучед на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, се повлече од директорската позиција во Управата за безбедност и контраразузнавање по обелоденувањето на мега-аферата со прислушувањето, кое практично се вршело преку злоупотреба на системите во УБК.

Веднаш по повлекувањето на Мијалков, неговите синови ја формираат компанијата „Бест Веј Инвестмент“. На почетокот, како основачи на компанијата се јавуваат синовите – Јордан Мијалков и Александар Мијалков, кои ја формирале фирмата кон крајот на 2015 година со основачки влог од по 2.500 евра. Но, набргу потоа помалиот син на Мијалков се повлекува и единствен сопственик останува Јордан. Управител на друштвото од формирањето до ден денес, пак, е Илија Тозија, познат по членувањето во највисоките органи на Унијата на млади сили или на ВМРО-ДПМНЕ и во Надзорниот одбор на Државната видеолотарија.

Како што веќе пишувавме, компанијата на Мијалкови првично влезе во нафтениот бизнис, откупувајќи ги бензиските пунпи и складиштето за нафтени деривати, дотогаш во сопственост на бизнисменот Масар Омерагиќ. Меѓутоа, фирмата подоцна стана дел и од сопственичката структура на неколку големи комбинати што делуваат во земјоделско-прехранбениот сектор, „Жито Полог“ и ЗК „Пелагонија“, преземајќи компанија што е акционер во овие друштва – „Софија Градба“. Автоматски, семејството на поранешниот прв разузнавач влезе и во компаниите што ги поседуваат овие акционерски друштва, меѓу кои млекарата „Здравје Радово“.

Арно ама, новите податоци што ги обезбеди „Фокус“ откриваат дека Мијалкови дополнително ја шират бизнис-мрежата и кон исклучително атрактивниот бизнис со игри на среќа, преку компанијата „Макс Бет“, формирана на почетокот на месецов со седиште во центарот на Скопје и со основачки влог од половина милион евра. Притоа, најголемиот дел од сумата претставува непаричен влог на компанијата на Мијалкови и на странски партнер, додека помал дел претставува паричен влог од две физички лица, од кои едниот е вработен токму во компанијата на Мијалкови, а другиот е поранешен висок функционер во вмровските влади.

ЧЕШКА ВРСКА

Според податоците од Централниот регистар, „Бест Веј Инвестмент“ е содружник во „Макс Бет“ со непаричен влог од 212.500 евра. Покрај „Бест Веј“, во сопственичката структура на „Макс Бет“ учествува и управителот на компанијата на Мијалкови – Тозија, со паричен влог од 25.000 евра. Со идентитен паричен влог од 25.000 евра во главнината партиципира и Владимир Бахчовановски, кој за време на владите на ВМРО-ДПМНЕ беше директор на ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор, на ЈП Македонски шуми, како и на Државната видеолотарија, во чии органи членувал и неговиот партнер во „Макс Бет“ – Тозија.

Воедно, Бахчовановски се јавува и како управител на новоформираната компанија за управување на игри на среќа, при што тој е самостоен во сите активности освен доколку склучува договори во вредност од над 50.000 евра, договори за донација и за заеми со некој од содружниците, како и на договори за враќање на заемите. Во такви случаи, тој мора да обезбеди согласност од контролорот, односно од српскиот државјанин Александар Гериќ, кој најверојатно е претставник на најголемиот содружник во „Макс Бет“. Имено, тоа е српската компанија со речиси идентичен назив, „Макс Бет“ ДОО, чиј удел е претставен преку непаричен влог од 237.500 евра.

Податоците од српската Агенција за деловни регистри, пак, покажуваат дека белградската „Макс Бет“, која е доминантен сопственик на истоимената скопска компанија, е основана кон крајот на 2008 година во Нови Сад, ама на почетокот на годинава го сели седишето во Белград. Директор на компанијата е Саша Марчета, кој воедно е и стопроцентен сопственик на друштвото со основен капитал од над 38 милиони српски динари или околу 322.000 евра. Како застапник на друштвото фигурира и Кристијан Тот-Баги, со тоа што за зделки во вредност над еден милион српски динари потребен му е потпис од Марчета.

Во официјалната биографија на Марчета, објавена на неговиот личен сајт, стои дека тој и неговото семејство цел живот со занимаваат со ваков тип бизнис, почнувајќи преку мала семејна компанија во родниот Зрењанин. Сепак, денешната компанија „Макс Бет“ е основана во 1997 година под името „Ју Крикос“, но како пресвртница се споменува 2009 година, кога всушност се гради денешниот бренд „Макс Бет“ како спој од автомат-клубот „Макс“, електронските казина „Елдорадо“ и спортските обложувалници „Плус“. Овде треба да се истакне дека српската компанија своевремено соработувала со „Крикос“ од Чешка, каде живеел и работел Сашо Мијалков, чиј син е партнер со Марчета во новоформираната скопска компанија за игри на среќа.

ШИРЕЊЕ НА ПАЗАРОТ ВО УГАНДА

Заедно со воведувањето на онлајн обложување во 2014 година, српската „Макс Бет“ влегла на пазарот во африканската земја Уганда, додека една година подоцна склучила договор за 500 слот автомати со интернационалната реномирана групација „Синот“, регистрирана во Кипар, која главно делува во Чешка, Словачка, Полска, Романија, Грција, Шпанија, Виетнам… Впрочем, тоа му претходело на воведувањето на „Маршал Казиното“ во 2016 година, што компанијата ги отворила во неколку градови во Србија и регионот. Паралелно со тоа, бил отворен угостителскиот објект „Кафемат“, додека за неколку години се планира и отворање на киното „Балкан“.

Инаку, Марчета своевремено беше предмет на интерес на српските истражни органи и на јавното обвинителство, кои, меѓудругото, го сомничеа за незаконско организирање игри на среќа. Како што пишуваше српски „Блиц“ во далечната 2011 година, во полициската акција со кодно име „Амфитеатар“, во која биле запленети 400 апарати и 360.000 евра, а биле пронајдени 11 банкарски сефови, уапсени се 17 лица, меѓу кои вработени во српската даночна управа, во Министерството за финансии, сопственици на обложувалници… А, еден од уапсените бил и Марчета!

Покрај тоа, тој беше предмет на прогон и за малверзации при приватизацијата на „Белград филм“, во чии рамки спаѓа и киното „Балкан“. Влијателниот и тиражен „Вечерње новости“ во 2011 година објави напис во кој Марчета го нарекува „кралот на коцката“. Според весникот, тој организирал нелегални игри на среќа, па со заработката го купил киното „Балкан“ за 3 милиони евра на сомнителен начин. Се разбира, адвокатот на Марчета го бранеше клиентот дека на ниту еден начин не учествувал во приватизацијата на „Белград филм“, туку, според него, ваквите обвинувања се изречени јавно со цел да се изврши притисок врз судството.

Како и да е, српската Агенција за управување со одземен имот, што функционира во рамките на Министерството за правда, во 2012 година донесе решение со кое привремено му се одзема имотот на Марчета во вредност од 350 милиони евра. Сепак, судот на почетокот на годинава го ослободил српскиот бизнисмен од обвинувањата, со образложение дека немало доволно докази, иако претходно помина 6 месеци во затвор. Во меѓувреме, во периодот од почетокот на постапките до конечниот епилог, тој го развиваше и ширеше бизнисот во доменот со игри на среќа во Србија, Уганда, а ев,е тропа и на вратата на македонскиот пазар.

ЛИЦЕНЦА ЗА РАБОТА

До објавувањето на овој број од „Фокус“во печат, од „Макс Бет“ не одговорија на нашите прашања, меѓу кои како дошло до соработка меѓу компаниите на Мијалкови и Марчета и како одлучиле да инвестираат во земјава. Она што е заедничко за двете страни е Чешката Република, каде Сашо Мијалков своевремено живеел и работел, поради тоа што неговиот татко (Јордан Мијалков) бил на служба за време на поранешна Југославија. Што се однесува до Марчета, пак, како стопанственик тој соработувал со чешка компанија, кога ја формирал „Макс Бет“ во 1997 година со назив „Ју Крикос“.

Во регистрите на Министерството за финансии, кое е надлежно за издавање лиценци за работа за приредување игри на среќа во автомат клуб, во казино и во обложувалници, се уште не фигурира „Макс Бет“. Од таму кусо ни изјавија дека сите компании што поседуваат важечка лиценца се објавени, меѓутоа не можеа да ни потврдат дали „Макс Бет“ поднела барање за издавање на една од лиценците, од причина што дел од вработените биле на годишен одмор.

Моментално, најмногу лиценци се издадени за приредување игри на среќа во автомат-клуб, додека драстично помалку лиценци има за казина и обложувалници. Така, „Сенатор“, „Ма-Гаминг“, „Мастербет“ поседуваат лиценци за најголем број автомат клубови во Скопје, додека на деловни локации во другите градови низ земјава се јавуваат и други носители на лиценца. Па, ако има скоро 35 таканаречени електронски казина во земјава, тогаш за класични казина се издадени само 5 лиценци, при што една во Скопје („Холидеј Ин“), една во Битола („Епинал“) и три во Гевгелија. Слична е ситуацијата и со обложувалниците, за што се издадени само 7 лиценци на „Спорт Лајф“, „Златна Копачка“, „Бет Спорт“…

Со оглед дека „Макс Бет“ располага со стотици слот-машини и десетици спортски обложувалници, може да се претпостави дека и на македонскиот пазар ќе делува со лиценца за автомат-клубови и спортски обожувалници. Колку за информација, лиценците за автомат-клубови се издаваат на период од 6 години за сума од 78.750 евра, додека за спортска обложувалница се издаваат за период од 3 години за сума од 105.000 евра. Лиценцата за казино, пак, изнесува 600.000 евра за период од 6 години, од што јасно произлегува зошто заинтересираните најмногу ја избегнуваат и се ориентираат на електронското коцкање.

ПРЕНЕСУВАЊЕ НА ПАРИТЕ НАМЕСТО КОНФИСКАЦИЈА НА ИМОТ

На овој начин, Мијалкови само продолжуваат со бизнис активностите со кои започнаа од 2015 година, но ги интензивираа во 2017 година, во периодот меѓу изборите и изборот на нова влада, кога „Бест Веј Инвестмент“ стана сопственик на нафтена компанија. Се работи за компанијата за трговија на големо со цврсти, течни и гасовити горива ОМ „Петрол Оил“, која е формирана во август 2016 година од страна на Омерагиќ. Веќе во јануари 2017 година, ОМ „Петрол Оил“ преминува во рацете на „Бест Веј Инвестмент“ на Мијалков, кој стана сопственик на бензиската пумпа во скопската општина Кисела Вода, на две бензиски пумпи во гевгелиското село Смоквица, како и на складиштето за нафта во скопското село Ржаничино.

Но, во април минатата 2017 година, Мијалкови формираат и компанија за товарен патен транспорт, каде не фигурира синот Јордан Мијалков, туку лично таткото Сашо Мијалков. Тоа е компанијата со назив „Поинт Оил Транспорт“, каде како сопственик се јавува друга фирма формирана далечната 1993 година – „Макпоинт“. Седиштето на оваа компанија, пак, се наоѓа на домашната адреса на Мијалков, кој е сопственик и управител на друштвото. Според информации од Министерството за транспорт и врски, компанијата поседува лиценца за внатрешен и за меѓународен товарен транспорт, со важност до 2021 година.

Освен тоа, „Бест Веј Инвестмент“ на средината на минатата 2017 година станува единствен сопственик на градежната компанија „Софија Градба“, формирана во 2011 година. Со тоа, Мијалкови автоматски стануваат дел од сопствеништвото на „Жито Полог“ – Тетово, каде „Софија Градба“ поседува 5 отсто од акциите. А убедливо најголем акционер во тетовскиот комбинат е ЗК „Пелагонија“, каде, „Софија Градба“, исто така, поседува акции – 12,7 отсто. Со тоа што поседува акционерски капитал во ЗК „Пелагонија“, „Софија Градба“ автоматски е и делумен сопственик на млекарата „Здравје Радово“, имајќи предвид дека земјоделскиот комбинат неодамна стана стопроцентен сопственик на млекарата.

Кога претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, предводени од Груевски, во пресрет на парламентарните избори на крајот на 2016 година ширеа страв и параноја кај народот дека СДСМ ќе ја федерализира државата доколку дојде на власт, актуелниот премиер Заев, тогаш во улога на опозициски лидер, порачуваше дека нема да има федерализација, туку конфискација на нелегално стекнатиот имот на тогашната политичка елита. Кога го говореше тоа, Заев алудираше токму на десетгодишното богатење на Фамилијата, на начин што испумпуваа народни пари на приватни сметки. Засега, наместо конфискација, се случува релокација на капиталот.


Саша Марчета, „Макс Бет“
ЖИВОТОТ Е ИГРА!

Првиот човек на српската компанија „Макс Бет“, која се јавува како коосновач на истоимената македонска фирма за игри на среќа заедно со „Бест Веј Инвестмент“ на Мијалкови, на неговата интернет страница напишал:

Јас сум голем почитувач на ликот и делото на Никола Тесла. Неговата изјава дека цел живот играл и така играјќи создавал, ме мотивираше да размислувам во тој правец. Кога тоа стана мото на мојата компанија, се стана поинаку. Со оглед на природата на работата, со мојот тим доста размислуваме на играта. Се бориме да биде фер и одговорна. Животот е игра“, вели Марчета.

Тој не одговори на нашите прашања што му ги упативме по електронски пат.

Поврзани новости