Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го продал уделот во компанијата „Енерготек“, содружник во правното лице што доби концесија за 3 мали хидроцентрали, за сума од 700 евра, пишува неделникот Фокус.
Од увидот во регистарската влошка на „Енерготек“, што го извршивме во Централниот регистар, произлегува дека Мицкоски на 29.07.2019 година склучил договор за пренос на удел со Жан Чупаркоски од Прилеп.
Во договорот, меѓу другото, се наведува дека Мицкоски поседувал удел од 7 проценти во „Енерготек“, кој, според договорот, му го пренесува во целост на Чупаркоски за надомест од 700 евра или 43.400 денари.
Воедно, во договорот уште стои дека по истапувањето Мицкоски никаква права, обврски или идни побарувања од друштвото, а новиот содружник Чупаркоски ќе учествува во добивката и ќе ја покрива загубата, сразмерно од вложениот основачки влог.
Во однос на оваа тема, Мицкоски во неколку последователни јавни настапи велеше дека го продал уделот во компанијата, но не откриваше за која сума го направил тоа, единствено истакнувајќи дека „бил на своето“.
Инаку, „Енерготек“ е компанија за издавање и управување со сопственик недвижен имот, формирана во 2014 година, од страна не неколку содружници, меѓу кои Мицкоски, двајцата негови блиски соработници Димитар Димовски и Орце Тодоровски, генералниот директор на „Витаминка“ Сашо Наумоски, управителот Стафан Трајковски итн.
Неколку месеци по формирањето, „Енерготек“ заедно со струмичката нафтена фирма „Минка ДА“ на Драги Василев формираат конзорциум со назив „Минка-Енерготек“, чиј управител, исто така, е Трајковски, со кој, патем речено, Мицкоски своевремено бил партнер во „Фонко Хидро“.
Како што своевремено пишувавме, токму учеството на „Минка“ во конзорцимот е клучно за да бидат исполнети потребните услови и критериуми за учество во постапката за доделување на три концесии за изградба на мали хидроцентрали во Пехчево.
Откако „Минка-Енерготек“ ги добива концесиите како единствен учесник во постапката“, „Минка“ од доминантен станува малцински содружник на сметка на тукушто формираната „Енерготек“.
Всушност, станува збор за концесија за период од 20 години за хидроцентрала на реката Брегалница со капацитет од 868 киловати и за две хидроцентрали на Клепалска река со капацитет од 180, односно 313 киловати.
Реагирајќи на обвинувањата на ривалите, Мицкоски истакнуваше дека акционерскиот капитал за 3-те хидроцентрали изнесува 3 милиони евра, од кои тој посесувал 3 проценти или 200.000 евра, кои, како што рече, ги заработил пред да влезе во политиката.
Иако не е јавен функционер и нема обврска да достави анкетен лист до Антикорупциската комисија, заради транспарентност побаравме Мицкоски да ни достави податоци за имотот што го поседуваат тој и членовите на неговото семејство, но тоа не се случи.
Сепак, проверката што ја извршивме во Катастарот на недвижности во реонот каде се наоѓа неговото гласачко место во скопската населба Влае покажа дека тој се јавува како сопственик на градежно земјиште од 112 квадратни метри, на кое е изграден објект-станбена куќа со двор, од вкупно 343 квадратни метри.
Целата сторија за имотната состојба на политичките лидери и нивните семејства прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Влатко Стојановски