ММФ: Има простор за зголемување на платите во јавниот сектор

by Fokus

Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) оценува дека е разбирливо што работниците во јавниот сектор бараат повисоки плати со оглед на тоа што растот на потрошувачките цени во последните години ја намали куповната моќ на домаќинствата.

„Веќе има простор во буџетот на централната влада да се приспособи за зголемување на масата за плати од близу 10 проценти, слично на проектираната стапка на инфлација за 2023 година, вклучително и усогласувањето на минималната плата оваа година. Сè што е над ова би создало големо и трајно оптоварување на буџетот, а исто така би ризикувало да ги истисне другите суштински трошоци. Големите зголемувања на платите, исто така, носи ризик да ја претворат привремено високата инфлација во постојано висока инфлација“, вели шефот на мисијата на ММФ Жак Манијане, која престојуваше во земјата од 5 до 9 јуни.

Во тек е економско закрепнување на Северна Македонија, со реален раст на БДП проектиран на 2,1 отсто оваа година, а 3,4 проценти во 2024 година. Потрошувачките цени се очекува годинава да пораснат во просек за 9,2 отсто, 3,5 отсто во 2024, а до 2026 година да се вратат на 2 отсто, стои во прелиминарните наоди на мисијата на ММФ.

“ Јавните финансии се на пат да ја исполнат целта за дефицитот утврдена во Буџетот за 2023 година одобрен од Парламентот. Сепак, доцнењето во усвојувањето на реформата на даночната политика и солидарниот данок можат да ги компромитираат даночните приходи и да ги загрозат приоритетните трошоци. Во овој контекст, даночната реформа треба да се усвои без одлагање со оглед на долгиот период за јавни консултации, а истото се однесува и на солидарниот данок. Дополнително, напорите за подобрување на наплатата на даноците треба да се одржат и забрзаат“, вели Манијане.

Според ММФ фискалната консолидација треба да продолжи да ја поткрепува фискалната одржливост и да обезбеди адекватни фискални резрви за следната криза. Од ММФ оценуваат дека  поддршката за сметките за електрична енергија треба да биде насочена кон посиромашните домаќинства, место да им користи на повеќето домаќинства на нецелен начин, како што е моментално.

„ Иако реформата на блок-тарифите за електрична енергија во 2022 година беше значаен чекор во вистинската насока, цените на електричната енергија за повеќето домаќинства остануваат силно субвенционирани и се меѓу најниските во Европа. Како резултат на тоа, јавните финансии остануваат ранливи на порастот на цената на енергијата. Иако зголемувањето на тарифите за енергија никогаш не е лесно, ќе биде важно да се продолжи со реформите на тарифите за електрична енергија кои постепено ќе ги укинуваат субвенциите и ќе ја зајакнуваат енергетската ефикасност. Сегашниот контекст на пониски меѓународни цени на енергијата дава можност за продолжување на ваквите реформи“, изајвија од  ММФ.

 

 

Поврзани новости