Младите OUT, Субрата IN

by lali

Деновиве уште еднаш се потврди дека младите се жртви на режимот. Режим, базиран на тендери каде наместо иднината на младите, важна е иднината на коалиционите џебови. Затоа, јас не се сложувам дека младите масовно заминуваат во странство само заради работа и висока плата. Денес се бега заради негрижа кон младите.

Зошто младите да седат во држава во која довербата во институциите е сведена под нула? Каква сигурност за иден живот чуствува млад човек кога гледа како јавниот обвинител се прави „при очи слеп при уши глув“? Која порака државата ја праќа кон младите кога јавно побарана провизија поминува не само неказнето, туку и наградено со пресуда за нарушен душевен мир?

Зошто еден млад правник да сонува да биде судија во нашата земја, кога ќе ја прочита тајната анкета дека 70% од судиите се жалат на притисокот од министерот за правда?

Сѐ уште не чувме и не видовме дека на младите им е важно што одредена зграда е барок, напротив, сакаат фер процедура при прием за работа победа на квалитетот и знаењето а не алиби владини огласи.

Зошто еден млад лекар би останал на државната клиника каде наместо слободата да биде некој наш доктор Хаус, тој мора да робува на видео игрите на министерот, процедурите од Куба и проповедниците од далечни краишта?

Која економска оправданост ќе ја најде еден млад претприемач кога ќе мора за својот вработен да одвои 36% придонеси кон државата, а на еден километар оддалеченост, некој странски инвеститор од државата добива платена струја, вода, интернет и плус придонеси за вработените?

Како еден млад човек кој сака да ги достигне висините во државната администарција ќе најде мотив и енергија за повеќе работа доколку гледа празно столче до неговото биро за кое некој добива плата дома?

Како да задржиме еден млад талентиран спортист кога мора да седи на трибини зошто во тимот играат приучени странци, секако со чест на ретки исклучоци?

Родителите кои го прехрануваат своето семејство од земјоделие, сѐ уште не можат да им дадат одговор на своите деца, како е можно соседот да добива  повеќе пари од државата за дрвца од бадем кои не растат, отколку тие кои од утро се покрај тутунот?

Не само што нема никаква поддршка за студентите, туку тие треба да се молат пред да влезат во лифт во домовите, одат пешки или трчаат секој вторник и четврток за да не задоцнат на испит или предавања и чекаат храна на плоштад зошто наместо во квалитетна студентска менза, државата парите ги потрошила во некое мермерно копито или бронзена града. Младите сакаат содржина, а не фасада.

Зошто една млада девојка да остане во држава во која и се одземени серија на права, каде не смее да одлучува за сопственото тело?

Зошто младите да градат семејство во држава каде наместо заштитни филтри во оџаците, државата гради панорамско тркало? Или зошто младите да земат кредит за стан и постојано да гледаат нагоре кон преполовеното Водно нешто да не се излизга кон нив?

Зошто младите да бараат иднина во земја во која сите зборуваат за слободата, ама тешко ја применуваат во сопствениот двор?

Каква иднина може да очекуваат младите од политика каде клиентелизмот ја порази идеологијата, полтитичарите (ова е малку тежок збор за некои) менуваат партии како чорапи, а партиите сакаат да бидат ДПМНЕ?

Младите заслужуваат да имаат претседател кој кога е густо и тензично, ќе се појави со смирувачка изјава. Претседател кој прв ќе го посети Петар после каменувањето, претседател кој заедно прегрнат со Емра ќе ја помине границата.

Затоа податоците на светската банка од 2010 за 440.000 иселени граѓани од Македонија денес се уште потрагични. Пред некој ден разговарав со неколку млади кои завршија втора година гимназија. Од нив никој не се двоуми, сака да студира надвор. А денешното одење надвор не е како во минатото, денес одењето надвор е за жал во еден правец. И затоа и Панчев е во право кога вели дека фудбалот и спортот се сликата за државата.

И јас влегов во најчестата фаза деновиве, а тоа е само дијагноза на режимот, нешто што сите го знаеме. Затоа сметам дека се потребни итни чекори во односот на државата, а мислам на владата кон младите, нов пристап, со сериозни вложувања. Со посебна ставка во буџетот за млади. Со нов студентски град со комплет содржини. Од средно на работа со стипендии за занаети кои изумираат и давање на користење дуќани во старата скопска чаршија и слични низ државата. Скопје 2014 има доволно неискористени простории да ги даде на младите кои од outsourcing годишно прават прилив од 500.000$, а зградата на Водовод да биде вистински центар за водење културни политики, и тоа од тие што знаат, а не од тие што победиле на избори.

И додека младите одат OUT, владата подготвува замена со Субрата и семејството. Преку трупа ги поминал нашите процедури ама изгледа во Индија не е IN, па ќе почекаме да го видиме.

 

Поврзани новости