Младите кои шетаат по кафулиња да знаат дека на инфективна нема wi-fi – вели претседателот на Здружение на медицински лаборанти, Апостолов

by Fokus

Ивица Апостолов, вработен во ЈЗУ Универзитетски институт за клиничка биохемија Скопје и претседател на Здружение на медицински лаборанти Клинички Центар Скопје, апелира младите да се воздржат од дружбите во кафулињата, поради опасноста од ширење на коронавирусот.

Додава дека е загрижен поради сликите од полни кафулиња со млади лица во тек на ден, и порача да се следат и да се сфатат сериозно препораките на Министерството за здравство и на СЗО.

-Тоа е за ваше, односно за наше добро. Гледам млади, дотерани, ги преполниле кафулињата, коњопоите, уживаат на сонце. Да помислиш дека за инает сакаат да се разболат! Би им порачал одговорност, младите можеби и нема да умрат од коронавирус и ќе бидат излечени, ама да си знаат дека на инфективна во собите за изолација нема wi-fi, а блокиран е и 4Г пристапот, верувам дека тоа тешко ќе го поднесат! Би им порачал да си седат дома, да гледаат филмови, да ги остават кафулињата за понатаму – вели Апостолов.

Додава дека деновиве и на својот профил на Фејсбук често апелира за поголема свест и одговорност.

-Ве молам потенцирајте, читам и морам да реагирам дека некои погрешно ја интерпретираат вчерашната изјава на портпаролот на Националниот комитет на здравство за Кина. Во изјавата портпаролот не кажа дека инфективното заболување COVID-19 е завршена работа и дека нема заболени и дека се излечени во Кина, туку дека пикот на тековната состојба во ширењето на инфекцијата од корона вирусот која предизвикува различни акутни респираторни синдроми на болеста кај луѓето во Кина заврши. И не заборавајте дека најголемите светски мозоци се собрани во СЗО, а не се на Гугл- порача Апостолов.

Вики Клинчарова

Поврзани новости