Младите бараат титули, за ако се невработени барем да се невработени магистри и доктори?

by Фокус

Текстот е објавен на втори октомври 2009 во неделникот „Фокус“ во бројот 744

Пишувала
Љубица ГРОЗДАНОВСКА ДИМИШКОВСКА

Полека, но сигурно стануваме нација која продуцира и ќе продуцира повеќе високообразовани кадри од тоа што пазарот на труд може да понуди можности за работа. Истото ќе се случи и со хипер-продукцијата на магистри и доктори на науки, кои во поголем дел од случаите исто така ќе чекаат за работа, ќе се надеваат дека поради звањето ќе имаат повисоки работни позиции или едноставно дека титулата ќе им биде билет во еден правец во земјите од Европската унија или во други земји од светот (САД, Австралија, Канада, па дури и Јапонија) во кои знаењето ќе им ги отвори вратите за добро платени работни места.

Дали кампањата за дисперзирани студии низ целата земја и промоцијата на високото образование и користа од него кај кандидатите и кај нивните родители ја развива надежта дека така полесно ќе стигнат до дипломата, предизвикува толкава инфлација на високообразовани кадри и хиперпродукција на дипломи, е прашање од милион долари.

Министерството за образование и наука, како што тврдат од таму, немало овластување да врши контрола врз квалитетот на студиските програми, начинот на студирање и патот до кој студентите стигнуваат до дипломата. Тоа треба да го прават самите високообразовни институции преку механизмот наречен самооценување кој подразбира анонимна анкета помеѓу студентите и наставниот кадар дали се задоволни или не од наставата, од професорите, од новиот начин на студирање согласно Болоњскиот процес.

Треба да се потсетиме дека универзитетите во земјава подлежат и на надворешно оценување, од надворешни и независни експерти, но за жал, такво оценување не е направено веќе неколку години. А, ни тоа, ниту самооценките не се транспаренти, односно тие се интерни употреби на високообразованите институции. Оттука, се поставуваат прашањата, кои потреби и резултати треба да се земат за репер, кога од една страна државата отвора дисперзирани студии, од друга страна студенти на одредени универзитети плаќаат за да положат или обратно, а од трета страна нема институција која ќе постави критериуми и стандарди во однос на квалитетот, а не на квантитетот во високото образование. Болоњскиот процес е шема за реформа во високото образование кај нас и во Европа, а не и гаранција за постигнување на правилен успех и квалитет на студиите на високообразовните институции.

МАЛА НАЦИЈА, А СЀ ПОВЕЌЕ МАГИСТРИ И ДОКТОРИ

Вкупно 272 лица во 2008 година се стекнале со звање магистер на науки и специјалисти. Вака сведочат податоците на Државниот завод за статистика. Од нив, 254 биле магистри, а 18 лица – специјалисти. Најголем број од магистерските трудови или 122 се од областа на општествените науки, 18,9 отсто се од областа на хуманистичките науки, а останатите се од областа на природно-математичките, техничко-технолошките, медицинските и биотехничките науки.

Статистиката покажува дека во 2008 година, со звање доктор на науки се стекнале 87 лица. Најголем број од докторите на науки биле од областа на медицинските науки и во хуманистичките науки, потоа следуваат општествените, па тие од областа на природно-математичките, техничко-технолошките и биотехничките науки. Половина од лицата што таа година одбраниле докторска дисертација, односно 44 лица се жени.

Според статистичките податоци, од вкупниот број на доктори на науки, половина своето занимање го завршуваат во својата дејност, 19,5 отсто во здравствената дејност, а останатите лица работат во други дејности, односно во дејности за кои важат други квалификации. Најголем дел од дипломите се стекнати на државните факултети во земјава. Незначителен дел има и на приватните универзитети.

Во 2007 година, во споредба со претходната, 2006, бројот на магистри се зголемил за скоро 50 отсто. Така, тогаш со звање магистер се здобиле вкупно 272 лица, а пет лица се специјалисти. Учеството на жени магистри во вкупниот број на магистрирани лица во 2007 година бил скоро 60 отсто. Најголемиот интерес за општествените науки како област за магистрирање и во оваа година е присутен, како и во 2008 година.

Бојана С. (28) од Скопје е дел од лицата кои магистрирале во 2008 година. Има магистерска теза од областа на правото, а неколку години работи како приправник во државна институција. Вработена е со договор на дело, кој го обновува на секои три месеци и живее во страв дека во скоро време нема да има можност за целосно вработување. Звањето магистер не и помогнало да се стекне со повисока позиција, ниту за напредок на кариерата.

– Се решив да завршам магистерски студии бидејќи сега со напливот на дипломирани студенти, диплома со повисоко звање ќе биде каква-таква сигурност за задржување на работното место или за некое ново, подобро. На ваков начин може да се заштитиш од нелојалната конкуренција на пазарот на труд. Не сакам никого да навредам, но во земјава како да е најлесно да се студира и да се земе диплома, коментира таа.

Според Болоњскиот процес, очигледно во блиска иднина ни стекнувањето на магистерско звање нема да биде проблем бидејќи согласно реформите сите високообразовни институции мора да имплементираат трицикличен начин на студирање, односно тригодишни додипломски студии, една или две годишни магистерски студии и тригодишни докторски студии. Само за споредба, додипломските студии кои сега траат само три години најпластично кажано се еквивалент на поранешното студирање факултет од четири години.

Магистерските по стариот образовен систем траеја три години, а докторатот се подготуваше пет години. Според Болоњскиот процес, поради кој мораше да се измени и да се дополни Законот за високо образование, кандидатите за докторски студии ќе мора да следат настава во траење од три години и дури потоа да работат на докторската теза, а не како досега, каде се имаше менторски пристап, индивидуална работа и долгодишна изработка на докторска теза под надзор на ментор.

Нормално, за се има цена, па така и за ова, така што кај нас понекогаш цената на чинење за студирање е поважна од квалитетот на студиите и продуцирањето квалитетни кадри. Тука не се исклучок ниту државните, ниту приватните универзитети (чест на исклучоците).

Така, на пример, студенти од Правниот факултет во Скопје, во изминатиов месец водат битка со нивните професори бидејќи факултетот одлучил дека магистерските студии (односно вториот циклус) од студирањето ќе чинат 1.200 евра годишно. Студирањето на факултетот за додипломските студии чини 700 евра годишно така што студентите најверојатно сметале дека и мастерот ќе чини најмалку толку. Студентите покренаа петиција цената за магистерските да се намали барем на 1.000 евра. Тие деновиве го информираа и Државниот просветен инспекторат, а бараат и средба со министерот за образование Никола Тодоров.

Докторските студии, пак, на одредени факултети и универзитети како државни, така приватни чинат по околу 2.000 евра годишно.

На еден од приватните универзитети во земјава, пак, студентите кои плаќаат и до 3.000 евра за додипломски студии, на пример, плаќаат по неколку стотини евра за студиски посети во европски земји, најчесто покрај море и таму ги полагаат испитите. Студентите што не може да одат или не може да си дозволат такво „полагање испити“ мора да платат казна и тука да го полагаат испитот, со ризик дека нема да добијат максимум кредити (поени) за добра оценка по конкретниот предмет. Ако ваква шема се прави за студирање, тогаш може само да претпоставиме (во најголем дел од случаите) каква е процедурата за магистрирање или за докторирање.

Поранешниот министер за образование и наука Ненад Новковски вели дека идејата за постоењето на приватните универзитети во Македонија е таа што на нив студираат децата на поимотните луѓе за кои спорно е како ги добиваат дипломите, со што се прави социјален јаз помеѓу нив и тие што студираат на државните универзитети. Но, обичниот граѓанин со секоја наредна година само констатира дека студирањето во земјава полека станува луксуз.

МИНИСТЕРСТВОТО НЕ СЕ МЕША ВО КВАЛИТЕТОТ НА СТУДИИТЕ

За квалитетот на студирањето и како кандидатите дипломираат, магистрираат и докторираат надлежните во Министерството за образование и наука многу и не знаат, со образложение дека тоа е индивидуална политика на факултетите и на универзитетите, а ресорот не сака да се меша во нивната автономија. Во Секторот за високо образование велат дека ним им е важно високообразовните институции да ги прилагодат сите степени на студирање согласно Болоњскиот процес. Тука мора да се напомене дека во Законот за високо образование, поточно во казнените одредби, факултетите ќе мора да платат и до 20.000 евра или кривично да одговараат доколку не се придржуваат до рецептот на Болоња.

– Немаме надлежност да го контролираме квалитетот на студиите. Точно е тоа дека магистерските студии по Болоњскиот процес даваат поголема флексибилност во однос на нивното завршување, но се надевам дека високообразованите институции не ја злоупотребуваат таа „флексибилност“ за да им прогледуваат на кандидатите низ прсти, вели Агим Рушити, раководител на Секторот за високо образование при Министерството за образование и наука.

Тој тврди дека земјава направила усогласување во однос на звањата на нашите магистри и доктори на науки со звањата што ги нудат универзитетите во Европа. И тоа пак, согласно Болоњската декларација. Така, поради таквите усогласувања, тврди Рушити, нашите дипломи се признаваат на европските универзитети.

Меѓутоа, на европските универзитети има нешто што се уште кај нас го нема – студентите може да изберат помеѓу магистериум по кое завршување имаат можност да бараат работа и ќе излезат на пазарот на труд и магистериум по кое завршување ќе се посветат исклучиво на академска работа што значи дека треба да работат како асистенти на факултетите или да се посветат на научно-истражувачка дејност. Кај нас, за жал, асистенти на факултети со години од Министерството за финансии чекаат пари за вработувања, а за научно-истражувачка дејност кај нас е илузорно бидејќи скоро и да нема пари од буџетот за наука.

Во Министерството тврдат дека приватните универзитети во земјава мора да го почитуваат Законот за високо образование и мора да ги обезбедат сите циклуси на студирање, посебно додипломските и магистерските студии и дека нивните дипломи, како и дипломите на државните универзитети се конкурентни на тие од универзитетите во Европа.

Од новиот состав на Одборот за акредитација кој како орган ги разгледува предлозите за нови студиски програми, како и за отворање на нови високообразовни институции не добивме коментар за квалитетот на универзитетите кај нас. Но, затоа поранешниот претседател и академски професор Тито Беличанец тврди дека не е толку битна дипломата, колку што е важен додатокот на диплома.

– Студентите од Македонија ќе бидат на ранг на европските со додатокот на диплома во која ќе пишува кои се точно нивните квалификации, потесни специјалности, од која литература учеле, каква настава посетувале, колку кредити имаат. Овој додаток на дипломата е важен, а ваков „саплемент“ диплома факултетите мора да издаваат за сите три циклуси од студирањето. Не знам кој сѐ од универзитетите има докторски студии, но секој мора да го почитува законот, вели Беличанец.

ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА СОПСТВЕНИ ПОТРЕБИ

Високото образование во земјава, посебно по обврската да се спроведат реформи согласно Болоња помина низ неколку фази, од кои допрва ќе треба да ги видиме резултатите. Како и за се друго во државава, така и во овој дел, оваа област помина низ транзициски период. Најдраматично е што пред сѐ високото образование стана вносен бизнис од една страна и идеја за добра кампања без разлика дали има или нема пари, дали има или нема потреба од толку висококвалификувани кадри.

Пред околу седум години во земјава почна трендот на приватни високообразовни институции, кои се отвораа под изговорот дека треба да се внесе конкуренција во високото образование, под изговорот дека треба да се зголеми квалитетот на образованието и да се создаваат квалитетно образовани кадри. После толку години, а и нормално е, високообразовните институции да почнат да соработуваат меѓу себе, да ги „разменуваат“ професорските кадри, да ја следат бизнис логиката и бенефитот од студирањето на нивните кандидати, но како да подзаборавиле дека квалитетот го запоставија (секако чест на исклучоците).

Не може да се каже дека високото образование продуцира квалитетни кадри кога државата отвора дисперзирани студии скоро во секој град. Едноставно, не може сите да бидат надарени за диплома. Како што сите што не се надарени за наука, а имаат пари, да платат огромни суми и да дипломираат, магистрират и докторираат. Исто, како што високообразовните институции не се тезги на кои дипломи се продаваат три за сто и за краток период да се стекнат со звања, само затоа што титулите денеска се „ин“.

Што ќе покажат тие кандидати во пракса? Дипломата и звањето сигурно нема да им ја заврши работата. Како може државата да промовира слободни места на државните универзитети кога нема доволно кандидати? И еве, да претпоставиме дека ќе завршат факултет. Дали државата им гарантира работно место после дипломирањето? Не. Нормално дека не, кога универзитетите не се поврзани со пазарот на труд и немаат стратегија, ниту повратна информација што на македонскиот пазар на труд му треба во моментов?

И како да се оправдаат тврдењата на работодавци дека тие треба да вложат дополнителни пари и време за обуки за усовршување на кадрите кои излегуваат од нашите факултети? Ако го остваруваме Болоњскиот процес и тврдиме дека сме на рамниште на европските студенти, тогаш зошто факултетски органи не признаваат кредити стекнати во странство по основ на мобилност?

За пофалба е тоа што секоја година се зголемува бројот на дипломци, магистри и доктори на наука и тоа дека реформите, бавно, ама сигурно – течат. Но, треба да се подразмислиме дали квалитетот е застапен во нашето високо образование или во името на паролите дека секој универзитет е подобар од другиот и дека дипломите се европски признати создаваме војска на новоневработени високообразовани кадри по глава на жител?!

 

Поврзани новости