Сите досегашни напади врз луѓето со различна сексуална ориентација треба да бидат осудени од страна на надлежните институции. Македонското општество има потенцијал да биде толерантно кон ЛГБТ заедницата доколку институциите на системот се вклучат во обезбедување на поволна клима. Со ваква реакција, по повод 17 мај, денот за борба против хомофобијата и трансфобијата, денеска излегоа младината на партијата ДОМ, што ја предводи Лилјана Поповска, коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ.
– Сакаме да упатиме апел за толеранција и почитување на луѓето со различна сексуална ориентација. Нашиот став како организација со зелена политичка платформа е дека говорот на омраза кој е резултат на предрасудите, стереотипите и недоволната информираност треба да биде спречуван преку изнаоѓање соодветни законски решенија и нивна примена. Значаен чекор во овој правец би било внесувањето на сексуалната ориентација како основа за дискриминација во Законот за спречување и заштита од дискриминација – се наведува во соопштението од МОДОМ.
Нивна главна заложба е Македонија да биде место каде што разликите ќе можат да комуницираат меѓу себе со почит и разбирање, место каде што индивидуалните квалитети ќе дојдат до израз без страв од формите на омраза, агресија и маргинализација врз основа на сексуалната ориентација.