Актерката Куртишова тврди: Ме вратија од аеродром бидејќи сум Ромка!

by lali 12:10
12:10

Младата актерка Емра Куртишова, на која вчера не ѝ беше дозволено да отпатува во Германија и да ја посети својата сестра, раскажува за целото патешествие што го доживеала на скопскиот аеродром и понижувањето што ѝ го приредила полицијата. Таа тврди дека единствената причина зошто не и било дозволено да отпатува за Германија е затоа што е Ромка и, како што тврди таа, надлежните барале „влакно во јајцето“ само за да не ѝ дозволат да отпатува.

„Не постои ниту една причина зошто бев вратена од скопскиот аеродром. За 28 години никогаш не сум се осетила попонижена, како да сум некој криминалец! Ги имав сите потребни документи, но граничната полиција бараше „влакно во јајцето“ само за да не ме пушти во авионот“, раскажува Куртишова за Фокус.

- Advertisements -

Од потребната документација Куртишова имала потврда за работа од Театарот за деца и младинци каде што е постојано вработена, копија од гарантно писмо во кое било наведено дека финансиски ќе биде издржувана од нејзината сестра, печат од градот и 500 евра во кеш.

„Вработениот на пасошка контрола почна да ме прашува каде е Театарот за младинци, па што работам таму, ме праша колку пари имам во себе и кога му кажав дека носам 500 евра ми рече дека не се доволно и потоа ме однесе во една просторија, ми ја поништи картата, направи копија од мојот пасош, ме симна долу и ми рече да си го пречекам багажот. Попонижено никогаш не сум се осетила. Јас бев единствената на која не ѝ беше дозволено да отпатува“, вели Куртишова.

Таа вели дека и самите вработени на скопскиот аеродром кревале раменици додека гледале што и се случува на младата актерка.

„Единственото нешто што го повторуваа беше: СРАМОТА“, вели Куртишова.

Таа е сигурна дека не ѝ било дозволено да ја напушти Македонија само затоа што е Ромка. За случајот, таа денеска ќе ги извести сите надлежни невладини организации во земјава.

Куртишова требаше да престојува во Германија од 19 јуни годинава до 27 август, за да и помага на нејзината сестра која има патолошка бременост и треба постојано да одмора.

Од полицијата информираат дека Куртишова била вратена бидејќи не ги исполнувала формалните услови, да носи со себе доволно пари за временскиот период на престојот или да има гарантно писмо. Требала да престојува во Германија скоро два месеци, а имала само 500 евра кои не се доволни за тој период, по ден е повеќе од 50 евра, додека гарантното писмо не било формално.

МВР потенцира дека секој ден му враќаат граѓани од европските земји кои не ги исполнуваат формалните услови и полициските службеници што ги пропуштаат за тоа се казнуваат. Полицијата ја советува Куртишова дека ако има забелешки на работата на службеникот да го пријави во секторот за внатрешна контрола.

„Јас случајот нема да го оставам вака, нема да дозволам да биде „секое чудо за три дена“. Ќе направам буквално сѐ за да докажам дека станува збор за класична дискриминација“, вели Куртишова.

 

Поврзани новости