Млада руска банкарка пронајдена мртва, мистериозно паднала од 11-ти кат

by Fokus

Млада руска банкарка е пронајдена мртва откако мистериозно паднала од прозорецот на нејзиниот стан на 11-ти кат во Москва.

Кристина Бајкова (28), потпретседател на Локо Банка, на 23 јуни околу 3 часот по полноќ паднала од прозорецот. Локалните медиуми јавуваат дека банкарката пред трагедијата била со нејзиниот пријател Андреј (34).

Младиот човек наводно рекол дека Бајкова го повикала на пијачка во нејзиниот стан на булевар Ходински и дека излегла на својот балкон пред да падне на земја.

„Дејли мејл“ пишува дека Бајкова е уште еден руски функционер кој загинал откако паднал од прозорец на зграда под мистериозни околности.

Ден Рапопорт, познат критичар на рускиот лидер Владимир Путин, кој беше протеран од Русија, беше пронајден мртов откако падна од неговата луксузна станбена зграда во Вашингтон, минатиот август.

Неколку недели подоцна, претседателот на рускиот нафтен гигант Лукоил, Равил Маганов, падна од прозорец на шестиот кат на болница во Москва и почина. Пред неговата смрт, Маганов беше гласен во критиките за Путин и руската инвазија на Украина.

Креативниот директор на ИТ компанија Григориј Коченов во декември скокнал од балконот на својот стан и починал. Трагедијата наводно се случила додека руските власти го претресувале неговиот стан.

Руски тајкун исто така падна во смрт од прозорец на хотел во Индија во декември, само два дена откако неговиот пријател, исто така од Русија, почина во истиот хотел.

Руски тајкун со недвижности фатално паднал по скали додека бил на француската ривиера во декември. На почетокот на овој месец, федералниот судија Артјом Бартенјев падна од 12-тиот кат од неговата станбена зграда и беше прогласен за мртов.

Атлантик наведува дека околу дваесет руски функционери и олигарси починале под мистериозни околности само во 2022 година и тоа го нарекуваат синдром на „ненадејна руска смрт“.

Истрагата за смртта на Бајкова е во тек.

Поврзани новости