Ставот дека Договорот од Преспа е лош за Грција, но и дека претставува дипломатски и политички пораз за премиерот Алексис Ципрас и шефот на дипломатија Никос Коѕијас, го повтори лидерот на опозициската Нова демократија Киријакос Мицотакис, во неговото воведно обраќање на средбата во Солун со претставниците на организациите на производители и на научните организации од Северна Грција, упатувајќи остри критики да актуелната грчка Влада, како за економијата, така и за прашањето за името.
– Овде во Северна Грција постои уште еден облак што ја засенува атмосферата, заедно со облакот на даноците, на придонесите, на распаѓањето на државата, а се однесува на скопското прашање, рече Мицотакис.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, лидерот на најголемата грчка опозициска партија, уште еднаш ја обвини владата дека им го отстапила „македонскиот идентитет на соседите“.
– За жал договорот што го потпишаа господата Ципрас, Коѕијас и Каменос е лош договор за земјата. Тоа е договор што ги навредува сите Грци, не само Македонците, бидејќи ги задоволува цврстите стремежи на скопската страна, кои не се други од отстапување на македонскиот јазик и македонската националност, односно во суштина, отстапување на македонскиот идентитет на нашите соседи. И ова, знаете, не е само дипломатски, политички пораз на господата Ципрас и Коѕијас, кои дејствуваа тајно и во отсуство на националната линија, во отсуство на народот, во отсуство на партиите. Скопското прашање, само по себе е огромен независен економски удар за бизнисите и производите од Северна Грција, рече Мицотакис.