Опозицискиот лидер во Грција, Кирјакос Мицотакис, говорејќи на настанот организиран на подмадокот на неговата Нова демократија, го повтори ставот дека нема да го ратификува договорот од Преспа, бидејќи, според него, на соседите им отстапува македонски јазик и македонски идентитет.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Мицотакис рече дека до договорот се стигнало во тајност, во отсуство на народот, во отсуство на парламентот, во отсуство на опозициските партии.
– Договор кој искривувајќи ја 27-годишната националната линија на нашите соседи им отстапува македонски јазик и македонски идентитет. Тоа е договор кој секако Нова демократија нема шанси да го ратификува ниту во овој ниту во следниот парламент. Постапките на владата се национално опасни. Веќе веднаш произведоа негативни резултати – рече Мицотакис.
Лидерот на Нова демократија, индиректно ја обвини грчката влада дека не реагира и не одговара на изјавите кои доаѓаат од македонскиот државен врв.
– Господинот Заев, самиот, е првиот кој го демантира господинот Коѕијас, а господинот Димитров вели, нас ни вели, „Македонец сум и говорам македонски јазик“. Некои во владата го слушаат тоа без да одговорат, виновно или едноставно рамнодушно ја наведнуваат главата – истакна лидерот на Нова демократија.