ВМРО-ДПМНЕ ќе ја искористи целата инфраструктура во рамките на сестринската Народна партија за Македонија да може да добие позитивен извештај за напредокот и да ги отпочне преговорите со Европската Унија, изјави денеска во Брисел Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
-Генерално се обидовме позитивно да делуваме за она што се вели напредок на Република Македонија во рамките на ЕУ. Исто така, не можевме да ги одбегнеме и реалните теми кои што ја тангираат Република Македонија, кои што, за жал, имаат негативен предзнак. Тоа се злоупотреба на државните институции, злоупотреба на моќта, потоа она што се вели политички терор, она што се вели злоупотреба на мерката притвор, негативните резултати на економски план, изгубеното чувство на доверба во демократијата, изгубеното чувство на доверба во институциите во системот. Она што се вели реформи исто така изостанува – рече Мицкоски.
Тој додаде дека во иднина ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжува да ги надградува своите позиции и односи со луѓето во Брисел на едно повисоко ниво.