Пет дена по лидерската средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на опозициската партија Христијан Мицковски не стивнуваат партиските реакции по неа кој што прифатил, иако тоаа заврши без никаков договор.
„СДСМ е потполно свесна за тоа што го понудив на лидерската средба, но упорната манипулација која се прави со изнесување на неточни информации и импутирање на зборови практично ја отсликува состојбата во партијата и значи отсуство на волја да се направи реален исчекор со решение кое ќе значи зачувување на идентитетот и реална и брза интеграција на државата. Дотолку повеќе што задните и вистински намери се гола пиар реторика и битка, отколку грижа за државата. Расфрлањето со пердуви е контрапродуктивно затоа што јасно е од лидерската средба дека нема договор, а сѐ уште чекаме одговор од СДСМ – кој од двата предлози кои ги понудив тие го прифаќаат.“, изјави Мицковски за „Дојче Веле на македонски“.
Тој објаснува дека и на самата средба Ковачевски бил дециден дека нема договор, што и тој го кажа потоа на прес конференцијата.
„Мојата цел беше да се одглават работите и да се даде поинаква перспектива на процесите, да создадеме решение кое нема да биде на штета на граѓаните и иднината на Македонија. Жалам што СДСМ пропушта голема и историска шанса“, рече Мицковски.
Мицковски вели дека чекаат одговор од СДСМ за нивниот предлот ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата во која нема да биде ДУИ и уставните измени да важат откако 27 земји членки на ЕУ ќе го ратификуваат пристапниот протокол за влез на Македонија во ЕУ.
„Непродуктивно и бесцелно е да се продолжи со какви било разговори или работни групи, ако тие не се сложуваат за предлозите кои ги дадовме. Ние ќе почекаме уште некој ден. Место да трошат енергија на посипување пердуви, нека имаат суштински состаноци и нека излезат со став“, изјави Мицковски за „ДВ“.
Според него предлозите кои ги дал на лидерската средба е да се заштитат македонските национални интереси. Освен предлозите за влада и влез на земјата во ЕУ, Мицковски предложи да се оди на избори и да се побара од земјите членки на ЕУ гаранции за националниот идентитет и јазик, економски пакет, и заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите на судот за човекови права во Стразбур.
„Она што го понуди Ковачевски се уставни измени под бугарски диктат, и широка влада со ДУИ. Не е поентата ВМРО- ДПМНЕ да дојде на власт во некаква широка влада, туку да изградиме процес и пакт за национално единство каде ќе ги заштитиме националните интереси“, рече Мицковски.
На соопштенијата кои дојдоа од ДУИ дека тие ќе се жртвуваат и ќе излезат од Владата за да се постигне решение, Мицковски вели дека не одлучуваат ДУИ и Али Ахмети дали оваа партија ќе ја напушти Владата.
„ СДСМ треба да се охрабри и да ја прифати подадената рака за преодна влада“, вели Мицковски.
Според него ДУИ не е во позиција да поставува услови и ако СДСМ го прифати предлогот уставните измени да важат откако Македонија ќе ги заврши преговорите и ќе влезе во ЕУ така ќе се заштити идентитетот и нема да има други условувања од Бугарија.
„ДУИ тоа го толкува поинаку, тоа е нивен проблем. Колку побргу заминат во опозиција, толку побргу на Македонија ќе и` тргне. Што се однесува за ветингот, мојот став е јасен – треба прво ветинг на политичарите и нивните блиски. Милијарди тежи капиталот на политичарите, да докажат како го стекнале и да видиме потекло на имотот, па потоа сѐ друго. Се пријавувам доброволно да бидам прв во тој процес“, изјави Мицковски.
Според него ако се пропушти оваа шанса заедно да се дојде до прифатливо решение СДСМ ќе донесе решение кое ќе биде штетно, а кое единствени пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокираат. Мицковски смета дека во таков случај единствено логично решение се избори.
Мицковски вели дека Владата прифатила договор кој не може да го испорача и дека со тоа европската интеграција на земјата е закочена.
„Државнички и одговорно е да се носат решенија кои не се на штета на идентитетот, а обезбедуваат европска иднина“, рече Мицковски.