Професорот на Правниот Факултет во Скопје, Дејан Мицковиќ реагираше до порталот „Република“, откако беа објавени документи кои се изнесени пред Окружниот суд во Њујорк во врска со аферата Телеком.
Тој испрати документ од Комисија за хартии од вредност на Америка во кој стои дека Комисијата потврдува дека е побрано сведочење од Мицковиќ како сведок, а не како тужен или обвинет во истрагата за аферата со Маѓар Телеком и Македонски телекомуникации.
-На Комисијата не и е познат било каков доказ од нивната истрага за Маѓар Телеком кој покажува дека Мицковиќ е инволвиран во било какви нелегални или несоодветни дејствија за време на извршување на функцијата директор на бордот на „Телеком“. Сосема спротивно, неговата соработка за време на истрагата е од голема помош во откривање на илегалните дејствија на другите инволвирани лица- стои во дописот кој Мицковиќ го испрати до „Република“.
Претходно во јавноста беше откриено дека и екс разузнавачот Слободан Богоевски сведочел за истиот финансиски скандал. Тој изнел сериозно наводи за корупција во кои како главни протагонисти навел функционери на СДСМ и на ДУИ во 2005-тата година, а подоцна и членови на ВМРО ДПМНЕ за да лобираат да не се отвори истрага за аферата.
Богоевски пред неколку дена се понуди своите сознанија за случајот да ги изнесе и пред македонските истражни органи.