Овие избори се историски, бидејќи треба да се трасира иднината на македонското поколение, но и да се обели образот на нашите претци кои со живот го платиле она што ние денеска го живееме, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашната трибина во Крушево.
Тој, како што нагласи, е убеден во победата на неговата партија, а на Зоран Заев му порача дека по 15 јули ќе заврши со политичката кариера.
-Еве од овде од Крушево кажувам, јас сум Христијан Мицкоски, Зоране Заев, кој ќе те победи и тука ќе заврши твојата политичка кариера. А после тоа еве ти кажувам се обврзувам дека ќе го почитувам твоето право на презумциум на невиност и ќе имаш можност пред судовите да ја докажуваш невиноста. Но, не знам дали ќе успееш во тоа, нагласи Мицкоски.
Според него, на 15 јули ќе бидеме пред историска раскрсница.
-На 15 јули ќе се најдеме на историска раскрсница, дали да прифатиме истрошени потрошени политичари како што е Шекеринска која што ја гледаме од раните 90-ти од транзицијата кога се пљачкаше Македонија и нашите родители беа бркани од фабриките и пола од народот останаа на улиците или ќе одбереме маестро, патриот, човек кој реди успеси и надвор од Македонија и со аплаузи на странските сцени успешно ја промовира македонската култура, родољубот Игор Дурловски. На 16 јули, пак, сите заеднички ќе ги засукаме ракавите и ќе ја кренеме нашата држава од пепелта во која што ни ја оставија Заев и СДСМ, истакна Мицкоски.