Мицкоски: „Жолтата зграда“ никој не ја оспоруваше, што со тој објект?

by Фокус

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска на прес-конференција говореше за, како што рече, правните факти за случајот Талир 2, кој, според него, ниту обвинителството „партизираното и корумпирано судство“ и судија ги земаа во предвид.

-Истечен е рокот за да се води било каква постапка за овој предмет. Овој кривичен предмет на почетокот мора да напоменеме дека е поднесен незаконито од неовластен тужител, надвор од рокот од 18 месеци, од страна на сега осуденета со правосилна пресуда за рекет, поранешната СЈО Катица Јанева, односно обвинението е поднесено по истек на 16 месеци од овој рок. За ваквите процесни дејствија, Врховниот суд веќе има заземено став дека истите се незаконити и практично водени од неовластен тужител – рече Мицкоски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ во овој предмет не е обвинет, односно не е странка во постапката, а со пресудата се одзема имотот на ВМРО-ДПМНЕ, со што, според него, се повредува уставно загарантираното право на сопственост, без да при тоа се сослуша претставникот на политичката партија.

-Дури и во 1949 кога политички се отсекувале глави на политички неистомисленици и со еден или два сведоци се испраќале на Голи Оток или затворите на поранешната држава имало можност да биде сослушано лицето и странката. Во случајот воопшто не бевме сослушани, немавме право да си го кажеме нашето мислење и аргументи – рече Мицкоски.

Тој додаде дека Кривичниот суд надвор од негови надлежности поништи Договор кој ВМРО-ДПМНЕ го склучила со правното лице АД Бетон Скопје, при што го конфискуваше исклучиво делот кој е сопственост на партијата.

-Во најмала рака е нелогично како овој договор е незаконит само за ВМРО-ДПМНЕ и се конфискува имотот кој го стекнала партијата, а е законит партнерот во тој договор и не му е имотот конфискуван. ВМРО-ДПМНЕ на предметната локација имаше објект познат помеѓу своите членови и граѓаните во Македонија како „Жолтата зграда“ кој за никого не е спорно дека припаѓаше на партијата. Се поставува прашањето што со тој објект? – праша Мицкоски.

Иако во вештиот наод на одбраната во оваа постапка се тврди дека ВМРО-ДПМНЕ во предметниот период имала и други приходи од членарини и од буџетот кои биле доволни за да се купат останатите партиски простории лоцирани низ Македонија, додава тој, судот по барање на обвинителството без да обезбеди супер вештачење донесе одлука за конфискација на истите.

-Доколку правното лице незаконито на тендери, преку финансиски криминали се богатело, зошто обвинителството до сега не отвори ниту една кривична постапка за истото? Значи оваа претпоставка недокажана и нема ниту еден материјален доказ, се се сведува на озборување, полувистина и муабети кажани по ходници. Затоа повторно напоменуваме, партијата во оваа постапка не е обвинета. Но за приватното лице и неговиот имот нема никаква постапка нити пак решение за конфискација на било што – истакна Мицкоски.

Тој најави дека ќе вложат жалба откако писмено ќе ја добијат пресудата пред Апелациониот суд, но воедно нагласува дека не очекува позитивен епилог.

Поврзани новости