Директорот на Државниот завод за статистика, но и сите учесници во политичката операција попис, ќе понесат кривична и прекршочна одговорност, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Македонско радио.
-Директорот на Државниот завод за статистика треба да знае дека ќе дојде денот кога ќе се соочи со кривична одговорност за ова што го прави. Оваа операција ќе биде сѐ, само не статистичка, туку политичка операција и сите соучесници во оваа операција треба да се свесни дека во еден момент некој ќе ги испита нивните потези и ќе повика на кривична одговорност, а кај некои и прекршочна одговорност за тоа што го прави – кажа Мицкоски, додавајќи дека во деновите коишто следат ДПМНЕ ќе ги соопшти следните чекори.
Според него, владината коалиција помеѓу СДСМ и БЕСА е на стаклени нозе, бидејќи, истакна тој, премиерот Заев не може да го исполни договорот со Билал Касами за етничката припадност во личните карти.
– Се погласно се шпекулира во политичките кругови дека станува збор за политички договор помеѓу СДСМ и Беса пред изборите кој што бил потпишан од двајцата лидери и сега веднаш откако се формира новата влада и откако Зоран Заев на мафијашки начин ги укради изборите доаѓа до моментот кога сето тоа што било договорено помеѓу СДСМ и БЕСА да се испорача. Тогаш Зоран Заев се консултирал со еден странски дипломат и добива укор од истиот дека ако ова влезе, да ние како нација се заведиме како Македонци кои што се со сета своја посебност македонски народ, тогаш тоа би значело прекршување на Преспанскиот договор. Тогаш Зоран Заев на неговиот коалициски партнер му вели дека тој не може ова да го поддржи и тогаш настануваат сите проблеми внатре во коалицијата – рече Мицкоски.