Мицкоски за „Фокус“: Ривалство помеѓу Јанчев и мене никогаш не постоело!

by fokus

Старо-новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој на вчерашниот Конгрес на партијата беше реизбран на функцијата како единствен кандидат, доби голем број на честитки од своите сопартијци.

Помеѓу честитките, онаа која можеби најмногу го привлече вниманието на јавноста, беше таа од кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, кој јавно му изрази поддршка на Мицкоски, со зборовите дека секогаш е на страната на вредните, работливите и амбициозни луѓе.

Очигледно е дека Јанчев и Мицкоски ги оставиле несогласувањата од минатото зад себе, а за ,,Фокус” лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека помеѓу нив двајцата никогаш не ни постоело ривалство.

-Секогаш сум се воздржувал од коментар на изјавите на Митко Јанчев во минатото кога критикувал и кога пројавувал амбиција. Ривалство помеѓу нас никогаш не постоело! Само така можеме да бидеме подобри! Се додека Митко Јанчев е добар градоначалник за кавадарчани, ќе ја има мојата поддршка – појаснува Мицкоски.

Тој беше реизбран за лидер на партијата со 489 гласа од делегатите, а околу тоа како реагира неговото семејство, со оглед на одговорноста која ја носи функцијата, но и времето и енергијата кои треба да ги вложи во истата, вели дека емоциите се помешани.

-За жал, семејството е најголемата жртва поради мојата професија. Помешани се емоциите, радосни за успехот, но истовремено тажни поради тоа што ќе отсуствувам од дома – ни изјави реизбраниот претседател.

Вики Клинчарова

Поврзани новости