Мицкоски: Власта ако се врзуми тука сум да разговараме за предлозите што ги дадов

by Fokus

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ  Христијан Мицкоски рече дека ја затвораат темата околу уставните измени и дека останува на ставот дека измени на Уставот под бугарски диктат нема да има.

Тој рече дека предлозите што ги дал на лидерската средба со премиерот Димитар Ковачевски се црвените линии и дека нема да има отстапки.

Тој предложи ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата во која нема да учествува ДУИ за да гласаат за уставните измени, како и уставните измени да стапат на сила по приемот на Северна Македонија во ЕУ.

„Дадов два предлози за излез кои се базирани пред се на заштита на националните интереси, нашиот идентитет и јазик и кој воедно содржат и гаранции за продолжување на нашата европска иднина. После две недели, одбегнување од нивна страна да кажат кој предлог тие го одбираат, јасно е дека ја отфрлија историска шанса за иднината Македонија, одбраа да работат за себе туркајќи бугарски диктат“,  изјави Мицкоски.

Според него ДУИ и СДСМ немаат план за заштита на Македонија освен да продолжат да го бараат истото она што го бара и Бугарија.

„Тоа го кажав пред година дена, не далеку одовде пред Владата на Република Македонија, тоа го кажувам и овде уставни измени додека јас сум претседател под бугарски диктат нема да има“, рече Мицковски.

Тој порача дека ако власта се вразуми тука е да разговара единствено за она што ќе значи исполнување на еден од двата предлози кои ги даде.

„Тоа се нашите црвени линии од кои нема повлекување. А, за најавите дека ќе разговарале со пратеници, ќе им кажам и ќе им порачам ова не е 2018-та година, друго време е. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се последниот браник кој нема да попушти под какви и притисоци тие да прават. Изборите стануваат единственото решение за излез од кризата“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости