Мицкоски со предлог рефундирање на парите на оние кои се лекувале во приватни болници, Филипче ќе го поддржи ако може да се имплементира

by fokus

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање дали неговата партија ќе ги поддржи законските измени за ограничување на цените за лекување од Ковид 19 во приватните болници рече дека ќе го поддржат тоа но, и ќе предложат рефундирање на парите на оние пациенти кои поради недостаток на легла во државните болници морале да заминат на лекување во приватните.

-Не што ќе поддржиме туку и ќе предложиме да оние пациенти кои до сега ги користеа услугите на приватните болници доколку имаат соодветен доказ и да го приложат и државата е должна да на тие луѓе да им ги рефундира трошоците. Затоа што 14 месеци потоа, после 4 илјади починати луѓе, повеќе од 130 илјади заболени и дури денеска, односно вчера  им текнува дека треба да ги ограничат услугите кај приватните болници. Тоа требаше на почеток да се случи. Кога веќе не се случи на почеток, дај барем да им ги рефундираме трошоците на луѓето кои до сега ги направија, изјави Мицкоски.

„Фокус“ испрати прашање до Министерството за здравство дали ќе го прифати предлогот на опозицијата, рефундирање на парите на оние кои досега се лекувале од корона вирус во приватните болници. Оттаму кратко одговараат:

-Министерот за здравство д-р Венко Филипче ќе прифати секаков конструктивен предлог кој може да се имплементира.

Што се однесува до тоа кога ќе се донесат законските измени за ограничување на цените за лекување на Ковид 19 во приватните болници, од Министерството велат дека законите ги носи Собранието на РСМ, оттука Законот ќе се донесе согласно динамиката на работа на Собранието.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости