Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, предложи денеска изборен модел со 120 изборни единици и со еден изборен круг, така што во парламент би влегол тој што ќе освои најмногу гласови во првиот круг.
Тој рече дека на досегашните средби меѓу политичките партии за Изборниот законик се зборувало единствено за препораките на ОБСЕ и ОДИХР, а никогаш и за промена на изборниот модел.
– Не секогаш кога официјалните лица од СДСМ даваат изјави, ја говорат и вистина. Јас предлагам да прифатиме 120 изборни единици и да одиме на избори. Ако сакаат гласот да биде вреднуван и да имаме демократски избори предлагаме 120 изборни единици, оној кој во прв круг ќе освои најмногу гласови тој да биде претставник на граѓаните во парламентот – рече Мицкоски.
Тој го повика премиерот Зоран Заев на избори во март.
-Би било мудро за Заев да го прифати барањето за предвремени парламентарни избори во март. Сега во октомври ќе се одлучува дали ќе добиеме датум за преговори, или нема да добиеме датум, или ќе добиеме само условно меѓурешение. Ајде потоа да формираме техничка влада и да ги подготвиме институциите. Само така ќе можеме да провериме дали блескаме, или блеска криминалот – рече Мицкоски.