Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска од Струмица на втората годишна конференција на Унија на ветерани повика на обединување и во својот говор ниту еднаш не г спомена својот претходник, Никола Груевски со кого изминатиов период беа во јавна „војна“.
-ВМРО-ДПМНЕ има бурна историја преполна со емоции, различни гледишта. Произлегувале партии, фракции во минатото. Но речиси сите подоцна се враќале затоа што идејата во која веруваме е многу поголема и позначајна од секој поединец, секоја помала група или личен интерес. А оние кои денес не се со нас, или оние малкумина кои прават други планови или имаат некакви поинакви интереси или разлика со нас, сето тоа е толку неважно споредено со огромната цел – да се победи ова зло кое Македонија ја фрла на колена. Тргнете ги настрана личните интереси и приклучете се во нашата заедничка битка за промени, смена на оваа власт и градење на Македонија. Создавање на заедничка иднина, заедничка надеж каква заслужува секој еден човек, рече Мицкоски.
Тој испрати порака и до меѓународната заедница и порача дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остана прозападна партија.
-Мојата порака денеска од од овде е не за диктати кои се носат помеѓу корумпирани политичари и тесна група на луѓе. ВМРО-ДПМНЕ било, е и ќе остане прозападна политичка партија. ВМРО-ДПМНЕ не е ниту пробугарско, просрпско, прогрчко, ВМРО-ДПМНЕ е демократска партија за македонско национално единство и е промакедонско, било и ќе биде. А мојата порака до меѓународната заедница е да не дозволите уште еднаш да бидете заложници на руските интереси удоволувајќи и на Бугарија за повторно да се обиде да го асимилира Македонецот. ВМРО-ДПМНЕ додека јас сум претседател и додека сум, жив нема никогаш да поддржи ваков бугарски диктат како што сега е ставен во парламентот, рече Мицкоски.