Да не влегуваме во еурофија и ароганција, мислете на народот, нашата влада ќе им служи на сите Македонци без разлика на пол, вера, етникум, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
-Нашата цел е да се гордеете со новата влада, земјата да застане на нозе, да биде економски јака и да промовира дека граѓанинот ја има државата во свои раце – рече Мицкоски.
Тој најави дека ќе започнат разговори за формирање на коалиција, истакнувајќи дека во текот на денот бил во комуникација со лидерите на албанската опозиција Арбен Таравари, Изет Меџити и Биљал Касами.
-Ова е двојна победа, коалицијата доби претседател, нејзината цел ќе биде да го врати достоинството и Македонија да биде повторно горда, верувам во неа и ќе служи на народот – рече Мицкоски.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ влегол во кампањата со прецизни пораки и затоа, како што рече, пораснала довербата.
-Уште сега да ги надминеме поделбите. Нема да ги затвориме вратите за разговори како вие што правевте 7 години. Вечер да прославиме заедно, а од утре на работа. Утре ќе го одржиме првиот состанок за принципите од кои нема да отстапиме при формрирање на владата – рече Мицкоски.
Тој порача дека нема да ги повторат грешките што ги правела оваа влада, која, според него, се однесувала самобендисано, неодговорно и ги игнорирала партиите.
-Сакаме со сите опозициски партии да разговараме и да видиме што е наша точка на поврзување, што не значи дека сите ќе бидат дел од идната влада. Главниот принцип ќе биде темелната вреност да се почитува граѓанинот и секоја индивидуа, бидејќи чувството беше дека се погазени од стотина луѓе дел од раководството на ДУИ и СДСМ – рече Мицкоски.