Мицкоски од Конгресот на ЕПП: Македонија, што поскоро да ги почне преговорите

by Fokus

Ова се тешки времиња за нашиот континент, како и за нашиот глобален систем на демократски вредности. Сепак, тешките времиња обично го покажуваат најдоброто кај луѓето, и се надевам дека носителите на политички одлуки ќе разберат дека тешките избори сега, ќе го постават нашиот пат на вистинската траекторија, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на Конгресот на ЕПП.

-Ова го зборувам особено во контекст на она со што се соочуваме во Украина и како тоа влијае на Западниот Балкан. Македонците во моментов се соочуваат не со физичка агресија, туку со политичка агресија. Во овој момент има обиди на земја членка на Европската унија да го негира правото на македонски јазик, и да се меша во македонскиот идентитет. Овој тип на однесување е сè освен европски. За жал, нашиот процес на интеграција во ЕУ е со фокус на минатото, наместо на иднината. Ова не е Европа во која јас верувам. Ние постојано сме посветени на европскиот пат. Многупати во минатото нашата влада не даваше резултати за клучните прашања, особено ако се има предвид владеењето на правото и борбата против корупцијата. Сепак, пред се, нашите граѓани заслужуваат отворање на пристапните преговори. Јас лично ве уверувам дека штом ќе почнат преговорите, новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе стави посебен фокус на изградбата на одржливи демократски институции кои одговараат на највисоките европски стандарди, истакна Мицкоски.

Тој посочи дека апелирам до европските лидери да помогнат кон европската перспектива на Западниот Балкан, Македонија што поскоро да ги почне преговорите.

-Денеска, стоејќи пред вас, апелирам до присутните лидери да го искористат своето влијание за да помогнат да се даде стабилност и кредибилитет на европската перспектива на Западниот Балкан. Тоа не може да се постигне без Македонија да ги отвори пристапните преговори што е можно поскоро. Во 21 век, управувањето со држава, подразбира носење тешки одлуки. Но, само преку вакви одлуки сега, можеме да ја донесеме иднина каква што очекуваат и заслужуваат македонските граѓани, порача Мицкоски.

 

 

Поврзани новости