Мицкоски ниту еднаш не го спомена Заев на Илинден, но Мијалков и другите ги нарече јуришници на власта

by Frosina Fakova

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во својот говор по повод празникот Илинден од Ташмаруништа ниту еднаш со име и презиме не го спомена неговиот конкрент Зоран Заев, но затоа испрати пораки до поранешните негови соработници, кои деновиве бараат да си поднесе оставка, меѓу кои поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, но и другите поранешни високи функционери кои деновиве бараат одговорност од него.

-Поентата е таа дека државата сериозно скршнува од патот на илинденските идеали и дека сето тоа е со намера за да народот биде во апатија и мисли дека сите сме исти. А не сме. Вистински не сме, затоа што тие што се исти последниве недели ги видовме на купче собрани. А денес оние кои се товар во ВМРО душмански жестоко се обраќаат кон ВМРО. Целосно свесен за нивните постапки од минатото, и целосно свесен дека токму овие жестоки по-јаничарени јуришници на власта беа и товар на партијата, сакам јасно и недвосмилено да истакнам дека јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ му се извинувам на народот за сите грешки и неправди кои овие луѓе ги имаат направено. Тие во ВМРО гледаат личен интерес, а јас во ВМРО-ДПМНЕ гледам кауза. Јас повеќе не сакам да ги коментирам, верувам во народот и верувам дека народот сосема јасно разбира за што овде се работи и кој за што се бори, кој ја сака и кој работи за Македонија. Ако оваа темнина е тунелот кој го создаде оваа власт, и во кој сака свесно да опстојуваме, јас ќе ви кажам дека има светло на крај од тунелот. А за тоа светло вреди и треба да се бориме, рече Мицкоски.

Тој порача дека не се откажува од лидерското место на партијата.

-Ова е натпревар кој се игра до последната минута, па така е и со формирањето на владата. А знам дека по овој натпревар кој го играме со целото срце, и внимавајќи на честа и угледот на ВМРО и државата, ќе дојдат и други, на кој ќе победиме, затоа што само така ќе бидеме први. А нашата победа е заедничка. И јас сите вас ќе ве разочарам ако се откажам сега, и така ќе ве разочарам од прв до последен, а уште поважно ќе ја изневерам Македонија. А јас не сум тоа. Никогаш нема да ве разочарам ниту да ја изневерам државата. И затоа ние уште посилно ќе се бориме за нашата заедничка иднина. Апостолот Гоце Делчев велеше да ја бараме вербата за успех во себе и во другите, ако ја има да ја разбудиме, ако ја нема да ја создадеме, порача Мицкоски.

Поврзани новости