Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска заедно со потпретседателот Александар Николоски во Будимпешта се сретна со унгарскиот премиер Виктор Обран.
Како што соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, на средбата разговарале за актуелната политичка и економска состојба во земјава, главните предизвици со кој таа се соочува, за стратешките интереси и перспективи на Република Македонија како и прашања поврзани за меѓусебна соработка на партиско ниво меѓу партиите на Мицкоски и Орбан во рамките на Европската Народна Партија.
Мицкоски посочил дека за ВМРО-ДПМНЕ исклучиво важни се европските перспективи на Република Македонија кои се загрозени од, како што рекол, неодговорната Влада на Заев.
Мицкоски изразил загриженост поради криминалите и корупциските скандали со кои се соочува Владата на премиерот Заев, како и отсуството на правни разрешници на таквите криминални афери кои го загрозуваат
функционирањето на правната држава, се вели во партиското соопштение.
-И покрај отсуството на реформи, и сериозните индиции за криминално работење на владата кое допрва треба да се преиспита, сметам дека е потребно земјава да добие датум за преговори поради фактот што
граѓаните не смеат да бидат заложник на неспособноста на Владата како и поради потребата да се воспостави уште еден контролен механизам врз владата преку поблиско мониторирање на нејзината работа од страна на
европските институции, изјавил Мицкоски.