Во услови кога имаме вистинска катастрофа од ширењето на корона заразата и целосно фијаско на власта која е дезориентирана и не е ефикасна, таа се занимава со тоа дали сум ручал внатре или надвор во ресторан, притоа комплетно покажувајќи го на дело нејзиното нечесно лице и инсталации, се огласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на фејсбук.
„Да, точно е дека бев со двајца мои познаници во ресторан во Дебар Маало, прв пат по укинувањето на забраната за посета на угостителските објекти, поради што и не бев информиран доволно за новите протоколи. Ако тоа е мојот најголем грев и моја грешка и пропуст, јас тоа го признавам и подготвен сум да платам парична казна поради тоа. Не мислам дека луѓето не знаат да направат грешка, битно е грешката да не е таква да направи лошо некому, да наштети некому, да биде непоправлива. Жал ми е што денес, покрај погубните бројки на ново заболени и починати случаи, катастрофалното менаџирање со кризата од корона вирусот, економскиот дебакл на власта, кражбите на парите на граѓаните со милионски суми, рекетите, распродажбата на националните интереси, денеска тема стана и мојата средба со познаници во една Скопска кафеана. Човечки е да се згреши“, напиша Мицкоски.
Тој додаде дека денес вистинската тема е што има 101 ново заразен и 4 починати, истакнувајќи: „Власта сака да продаде приказна за да ја скрие вистината за себе, и фактот дека моето одење во ресторан не зарази никого, но нивната неспособност и СДСМ кластерот, да“. Според него, денес се потврдило дека го следат параполициските сили диригирани од Зоран Заев.