Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски стравува дека со најавените уставни измени, покрај менувањето на името, ќе дојде и до редефинирање на државата со што Македонија ќе стане бинационална творба.
Во интервјуто за „Независен“, Мицкоски вели дека потпретседателот Митко Јанчев делува согласно нивната стратегија, а не против него лично. Уверен е дека тие што ќе апстинираат и тие што ќе гласаат „против“ договорот со Грција ќе бидат побројни од оние што ќе гласаат „за“.
„Овде не се работи за храброст туку за сериозност и за значењето на самото прашање. Се работи за тема која е надпартиска и значајна за нашата земја, прашање со кој се опфаќа нашиот идентитет, историја и традиција, кое практично го дефинира нашето опстојување и препознавање во светот. Токму затоа ние вршевме консултации со граѓаните, имаше расправа во Централниот и во Извршниот комитет и со пратеничката група. Заеднички беше тоа што оценивме дека овој договор е штетен и неприфатлив, дека се познати сите аргументи кои говорат за неговото штетно влијание и, врз основа на сето ова граѓаните сами да одлучат по сопствено убедување како ќе постапат. И овој став е јасен, многу појасен од онаа медиумска армадила на власта, која корумпирајќи сѐ пред себе, наметнува лажен впечаток дека ВМРО-ДПМНЕ нема став. Тоа што имаме став кој не им се допаѓа, не е исто и со немање на став, ниту пак ќе се случи СДСМ нам да ни наметнува став и, среќа, што тоа не е така. Ние сме против промена на Уставот со цел промена на уставното име. Но, ајде да погледнеме и од другата страна, од страната на премиерот и неговата свита и да видеме кој е нивниот став. Тие имаат позиција градена врз лаги и манипулации. Велат биле за европска иднина на Македонија, а на маса имаме договор за промена на името во Северна Македонија. Па велат дека здравството во ЕУ ќе било бесплатно, а половина Грција што е членка на ЕУ – се лекува во Гевгелија, Битола или Охрид. Или, пак, она дека имало бесплатно образование. Еве, јас дел од своето образоваие го имам стекнато во Германија и во Италија и ќе ви кажам, не е така, образованието се плаќа. Така што кога ќе погледнете, единствено јасно во ставот на власта е дека поддржуваат штетен договор за промена на името и ништо повеќе. Еве нека излезат и нека кажат за колку години ќе биде нивната светла иднина? По 15, 20 години…? Нека бидат попрецизни. Со ваков начин на работа на владата, ЕУ станува невозможна мисија“, истакна Мицкоски.
ФОТО – НЕЗАВИСЕН ВЕСНИК