-Состојбата во Македонија е би рекол на ниво национална катастрофа, катаклизмична и алармантна, ова не го зборувам само со цел да звучам како опозициски лидер, туку едноставно го зборувам како човек. Не може да најдеме и да издвоиме на кое поле Македонија е денеска држава која што блеска, како што тоа мафијата во владата љуби да го каже. Буквално во економијата, во здравството, во образованието, културата, спортот, буквално на секој план ние денеска тонеме се повеќе и повеќе на дневна основа. Затоа ги повикувам сите оние кои што гледаат политички противник во мафијата на власт, да ни се приклучат заеднички да се бориме против криминалот, корупцијата, понижувањата, омаловажувањата, срамот кои што се присутни веќе четврта година на македонската политичка сцена. Оттука да завршам, огромна благодарност до господата од ФРОДЕМ кои што одлучија да надминат голем број од бројот на проблемите кои што беа присутни во минатото, да се приклучат кон ВМРО-ДПМНЕ и заеднички да се бориме за една подобра и посреќна Македонија и за една заедничка иднина во Македонија, истакна Мицкоски.
Мицкоски ги повика и лидерите на релевантните политички партии во земјава на нова лидерска средба за да разговараат, како што рече, за сериозни прашања.
-Сериозни прашања се решаваат на лидерска средба на маса. Еве, ја користам оваа прилика да ги повикам лидерите на релевантните политички партии, не зборам за оној кој што ги организираше претходните лидерски средби кои што завршуваа со фијаско, туку релевантните политички партии, да седнеме и да разговараме отворено за прашањето кое што денеска е актуелно, а тоа се преговорите со нашиот источен сосед. Тоа е многу важно, рече Мицкоски на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање.
Мицкоски не верува дека Бугарија ќе ја блокира земјава во евроинтеграциите.
-Како ВМРО-ДПМНЕ ги повикуваме сите релевантни политички лидери да седнеме на лидерска средба и да поразговараме за сите актуелни, а крупни политички прашања кои треба да ја детерминираат иднината на македонските граѓани и на Македонија како држава. Тука пред се мислам на случувањата околу преговорите со нашиот источен сосед, тука мислам на пописот, тука мислам на катастрофата во економијата, дебаклот во образованието, соопшти Мицкоски.
Тој смета дека се потребни не е една, туку повеќе лидерски средби и заеднички да излезат со решение пред граѓаните. Затоа што, како што рече, на граѓаните им е преку глава од политиканство и политики. Граѓаните сакаат да видат став, стратегија и визија како ние ќе излеземе од ова.
На новинарско прашање за Бугарија, дека нов договор со Бугарија бил ставен на маса, Мицоски рече дека останува на ставот дека е разговарано за нов договор помеѓу нашиот источен сосед и земјава, кој, како што рече, ќе биде сличен на Преспанскиот и ќе опфаќа уставни измени.
-И чудно зошто тоа никој од бугарска страна не го демантираше. Еве ве охрабрувам и вас како медиум да го поставите тоа прашање на политичарите на нашиот источен сосед, дали е ова вистина. Чудно е зошто никој од нивна страна не го демантираше сето тоа. А зошто дојдовме до таа состојба, е тоа е веќе друго прашање. Кои се политичарите кои не доведоа ние денес да стравуваме за нашата европерспектива како држава. Тоа е веќе прашање кое што заслужува лидерска средба, отворен разговор, и после тој разговор да излеземе или ќе понудиме решение или конечно ќе кажеме дека ние не можеме да се разбереме меѓу себе и тогаш ќе треба да бараме друг пат, рече Мицкоски.