Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски бил згрозен од тврдењата на сведоците во случајот „Плацеви на Водно“, но сепак вели дека би сакал да го слушне и мислењето на поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски кој е во Будимпешта.
Мицкоски вели дека ниту тој, ниту неговата партија се поврзани со тој случај.
-Вчера беше актуелно Плацеви на Водно. Во тој случај ниту јас, ниту ВМРО-ДПМНЕ не сме поврзани, и тоа е добро. Затоа што ние сме народна партија и стожери на интересот на народот. Ги читав сведочењата, и ако е тоа точно, навистина жалам и сум згрозен. И жалам што не е тука Груевски да го слушнеме неговото мислење за тоа што го изнесоа“, вели Мицкоски.
Мицкоски потврди дека во последните пет години не бил во никаков контакт со поранешниот лидер Груевски.
-Не сум имал никаков контакт пет години, ни директен ниту индиректен, рече Мицкоски.
Вчера во сведочење за случајот еден од обвинетите, кумот на Груевски, Ристо Новачевски, кажа дека Груевски имал таен имот, кој тој го купувал во негово име. Груевски пак на Фејсбук профил напиша дека Новачевски лаже.