Мицкоски за хрватскиот модел: Не е ова желботека, го прифаќате или не го прифаќате?

by Fokus

„Кога станува збор за Уставот, да ги гледаме работите не низ призма на партиски интерес, туку и како стојат од правен аспект и процедурално“. Ова го изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на општина Бутел.

„Прво како се случува евентуалната интервенција во Уставот, има три чекори. Првиот чекор е во парламентот доаѓа иницијатива со која се утврдува потребата за отворање на Уставот. Тоа значи дека две третини од пратениците ќе гласаат за или ќе нема две третини за. Доколку има такви кои ќе гласаат за, тогаш следи вториот чекор тоа е формирање на уставна комисија која работи на амандмани и ги носи во парламентот тогаш се потребни мнозинство пратеници од вкупниот број или 61. И доколку има, тогаш повторно се враќаат изгласаните амандмани и се формира конечен текст и враќаат пак во парламент и тогаш се потребни две третини од вкупниот број пратеници. И тогаш некаде отприлика се потребни минимум 104 до 105 дена доколку во идеален случај процедурата почне од почеток до крај“, објасни тој.

Посочи дека ние сега не сме ни на почетокот, ние сме пред почетокот.

„Во оваа фаза работни групи и уставни комисии не се формираат. Овде сега пред пратениците се доставува иницијатива за утврдување на потребата за отворање на Уставот. Мене ако ме прашате како човек преку глава ми е од работни групи каде неколкумина политичари седат во затворена просторија и одлучуваат за иднината на народот, а народот е против тоа. Затоа одлучивме да го дадеме предлогот да не се затвораме во темни простории и да ја мистифицираме целата ситуација, а во суштина се трудиме реализираме партиски интерес. И некои стратези викаат треба да го вметнете Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и се ќе се реши. Тоа е погрешно. Тоа не е тоа начинот. Тие каде што одат, ние сме се вратиле, не е тоа суштината ние треба да работиме за народот и затоа ние како ВМРО-ДПМНЕ велиме, еве го предлогот, вие го посочивте хрватскиот модел, ние рековме во ред, го прифаќаме. Но не е ова желботека, детска градинка еве го моделот го прифаќате или не го прифаќате. Не сакам да верувам дека една ваква проевропска влада која ја сочинуваа ДУИ и малцинскиот партнер СДСМ ќе го загрози европскиот пат на Македонија кога веќе имаме предлог на маса кој ние го прифаќаме и треба да изградиме консензус“ – рече Мицкоски.

Поврзани новости