Мицкоски до Миновски: Ако во следните 48 часа не ми се извиниш, ќе те тужам

by fokus

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски попладнево преку својот Фејбук профил реагираше на обвинувањата дека додека бил директор на ЕЛЕМ склучувал договори во четири очи и најави тужба за сегашниот директор Миновски.

Денешната прес конференција на г-динот Миноски е прес конференција за одвлекување на вниманието од скандалите со коруптивните бизниси кои се склучуваат во четири очи во оваа компанија. Миноски призна дека помалку произведуваат од истиот период минатата година и тоа за 10%, имаат прелив и притоа губат значителни количини електрична енергија и немаат развојна политика. Миноски со лаги, клевети и измислени тези упатени кон мене сака да ја покрие вистината за тоа како најпрво поништуваат тендери, и наместо вториот најповолен понудувач со веќе објавена цена се избира истата таа фирма но овој пат со далеку повисока цена, и во договор во 4 очи. И како ништо од ова да не е важно за раководството на ЕЛЕМ и Владата, но важни се клеветите и измислените информации упатени кон мене на денешната прес конференција. Затоа колега Миноски ќе имате период од 48 часа да испратите јавно извинување за сите клевети и навреди што ги изнесовте денес, а притоа му нанесовте штета на мојот углед и чест или во спротивно се што изнесовте денес ќе мора да го докажувате низ судска постапка, напиша Мицкоски.

Тој додава дека за сите, како што вели, злоупотреби кои Миновски ги исполнувал за неговите нарачатели ќе одговараат многу скоро.

Поврзани новости