Во 2015 година, досегашниот претседател на ССМ Живко Митревски направил анекс на договорот за вработување, со кој си обезбедил да прима плата од Сојузот и по престанок на неговата функција, тврди Ристо Ајтов, претседател на Синдикатот на одбраната и безбедност.
Според договорот, Митревски може да биде вработен како советник на новиот претседател или да биде вработен на претходното работно место кое го извршувал во рамки на ССМ. Доколку, ги одбие овие позиции, тој има право на апанажа една година во висина на платата која ја земал како претседател.
Во случај, пак доколку остане во работен однос во ССМ, на него му следува плата која не смее да биде помала за 10 отсто од претседателската.
Новото раководство на ССМ вели дека правен тим го разгледува договорот и доколку се утврди дека е спротивен на статутот на Сојузот ќе биде прогласен за ништовен.
Работни групи во ССМ ги чешлаат документите на кои претходно се потпишал Митревски и засега е утврдено дека дел од документите ги нема во оригинал, туку само во копии. Исто така, во финансиските извештаи е утврдено дека Митревски правел високи трошоци и дека дел од набавките се направени по повисока цена од онаа на пазарот.