Мите Занов: Македонската жена дури и со ограничен буџет знае да биде креативна и уникатна!

by Fokus

Мите Занов, младиот моден дизјанер од Валандово, кој живее и работи во Скопје, ги изненади љубителите на неговите креации со нова летна колекција.  Насловена е ,,SPECTRUM” summer ’21, и во неа се раскажува приказна за еден од основните ликовни елементи, бојата.

-Бојата е видлива, восприемлива способност, која е резултат на интеракцијата на светлинскиот спектар со светлоприемниците во окото. Сите добро го знаеме феноменот од физиката, дека кога удира светлина во стаклена призма, јасно ги забележуваме боите од спектарот.

Спектарот и боите во оваа колекција, не ја претставуваат само теоријата на боите, туку имаат и подлабоко значење. Секоја боја е различна од претходната, без разлика дали е микс од две други бои од спектарот или не. Исто како и секоја индивидуа на овој свет.

Сите сме различни, сите зрачиме со различна светлина, сите сме различна боја и тоа е тоа што не прави посебни. А од тука доаѓаат и клучните зборови кои ја карактеризираат оваа колекција, боја, светлина и транспарентност.
Имајќи ги овие зборови како водечки, се создадоа 10 изгледи, монохроматски решени, односно секој изглед е во една боја од глава до пети-појаснува Занов.

Додава дека моделите од новата колекција се изложени и достапни во студио ,,Занов”, а се наменети за сите девојки и жени.

-Заинтересираноста за колекцијата е голема, и навистина се радувам што луѓето ја препознаваат мојата работа, вложеност и труд, и секако печатот на Занов. Иако во нашата земја модниот пазар е мал, сепак има доста креативци, професионалци во тоа што го работат, дизајнери кои творат и создаваат дури и во услови на пандемија. Тоа е за огромна почит!

Ме радува и тоа што нашите жени, без оглед на буџет со кој располагаат, секогаш знаат да бидат креативни, сакаат да изгледаат убаво и модерно. Македонската жена препознава квалитет и уникатност, тоа ме мотивира уште повеќе да се посветам на дизајните, на изборот на внимателно одбрани материјали, но и на широкиот асортиман, со цел секој да го пронајде своето совршено парче облека – вели дијзанерот.

За новата летна колекција, раскажува дека секој изглед е во една боја, од глава до пети.

-Првиот модел го претставува недостатокот на боја, или светлината и затоа е претставен во транспарентен материјал, рачно доработен со стаклени кристали, претставувајќи ја стаклената призма. Последователно се појавуваат сите бои од спектарот, црвена, портокалова, жолта…за колекцијата да заврши со модел во црна боја, претставувајќи ја темнината или збирот на сите бои заедно.

Материјалите во колекцијата се летни и лесни, внимателно одбрани, од кои преовладуваат транспарентни материјали како растеглив тул и шармез, но застапени се и памучни материјали, жерсе, свила и жоржет.
Во колекцијата е застапен широк асортиман на дизајни и модни парчиња, со ставен фокус на корсетите, но исто така вклучени се и фустани, комбинезони, сакоа, панталони, здолништа и транспарентни топ – ракавици – ни изјави Занов.

Пред една година тој беше актуелен на модната сцена со колекцијата насловена „Dunes” за која инспирацијата ја пронашол во пустината, како копнено подрачје, но и како метафора.

Тогаш ни изјави дека и покрај новите правила на живот кои ги наметна пандемијата, успеал да се прилагоди и продолжил да бара инспирација и да твори, а најчесто функционирал преку онлајн продажба и презентации.

Дизајнерот и е познат на јавноста по голем број на соработки со наши јавни личности. Зад себе има соработки со Тамара Тодевска, Јана Бурческа, групата Ај Кју, учесниците од Македонски Идол и други лица од естрадата. Првата колекција ја имал во Октомври 2015 година и оттогаш професионално започнала неговата кариера. Исто така, и во текот на неговите студии работел на многу проекти.

Вики Клинчарова

Поврзани новости