Мирко Попов со уште еден бенд ќе настапат во Бугарија: Регионот повеќе ги цени!

by Fokus

На покана од реномираната бугарска промотерска организација „Аларма Панк Џез“, во среда на 12 јануари, во водечкиот софиски џез „Лајв Клуб“, ќе се одржи специјална вечер, посветена на македонската дискографска куќа ПМГ Џез.

Во рамките на вечерта, со свои целовечерни концерти ќе се претстават два скопски состави. Кантон6 кој е добро познат електро-џез кросовер состав, со фамозна етно реторика и трансцедентни настапи во живо и „Такси Конзилиум“, бенд на композиторот и гитарист Филип Букршлиев, кој е прогласен за најдобар млад џез музичар за 2021 од СЏФ.

Македонскиот продуцент на електронска музика, Мирко Попов за „Фокус“ не го криеше задоволството што ќе настапат во еден од најеминентните џез клубови во Бугарија и се надева на убава атмосфера.

„Задоволство ми е, токму во овој миг да настапувам во Бугарија со ваков проект кој звучно, но и реторички и концептуално навлегува длабоко во етногенезата и односот кон традицијата.. Таму сум настапувал често како диск џокеј, но поинаку и многу посуштински е кога се носи автентичен проект, каков што е „Џезус“ на мојот бенд Кантон6. Освен модерен етно-електро-џез звук и видео, со себе носиме и неочекувана митологија, забавен, дури авантуристички осврт на националните (националистички), па и расни митови, кои кружат како гладни орли околу Балканскиот Полуостров.

 

Нашиот албум „Џезус“ пред некој месец беше и албум на неделата на Аларма Џез Панк програмата на Бугарското Национално Радио Бинар, па искрено се надевам на позитивна комуникација во Софија“, ни изјави Попов.

На крајот, нашиот музичар додаде дека оваа музика и овие музичари се многу повеќе ценети во регионот отколку во Македонија.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости