Миновски за „Фокус“: Фотоволтаиците треба да може да се инсталираат само со еден документ

by Fokus

Наместо во енергетската криза да се стимулираат домаќинствата и компаниите да поставуваат фотоволтаици, граѓаните остануваат заглавени во процедурите со обезбедување документи на подолг период за кои плаќаат и до 1000 евра дополнителни трошоци, вели за „Фокус“ Драган Миновски, професор по енергетика и обновливи извори на енергија на Универзитетот во Штип.

-Фотоволтаиците треба да може да се инсталираат само со еден документ, еднополна шема потпишана од обичен инженер како што тоа е случај во Србија, а не како кај нас што покрај огромниот број на документи се бара и елаборат. Во принцип не се ништо поразлични од термалните колектори кои некои граѓани ги поставуваат на крововите. Според мене посложено е инсталирањето инвертер клима дома отколку фотоволтаици, појаснува тој.

Во најдобар случај постапката може да трае 6 месеци, ако се имаат подготвено сите документи и е набавена целокупната опрема, но може да потрае и подолго и зависи од експедитивноста на административните органи кои најчесто ги издаваат документите и одобренијата и дали сопственикот на објектот поседува имотен лист од катастар.

-Со оглед на висината на инвестицијата, која се движи од 7.000 евра, па нагоре, тешко е да се поверува дека во овие кризни времиња некој ќе се реши да потроши толку пари за инвестиција што ќе му се исплати дури по 15 и повеќе години, додава Миновски.

Од друга страна, кај голем дел компании што сега се соочуваат со неколкукратно зголемени сметки за струја и се пред сериозна дилема дали да затворат или да продолжат да работат бележејќи загуби, постои расположение самите да инвестираат во фотоволтаични централи, преку кои би ја произведувале потребната електрична енергија за нивното работење, но и овој пат, од неразбирливи причини, државата им поставува административна бариера и бара од нив огромна документација пред да реализираат ваков проект, така што голем број од нив се откажува уште на самиот старт, коментираат од Стопанската комора.

Комората предупредува и на сложената постапка за добивање дозвола за фотоволтаици, над 80 документи кои треба да се поднесат во општините и министерствата, за да може да се добива струја од сонцето, иако владата повикува сите кои се во можност да го сторат тоа, за да се намалат трошоците за струја.

Владата и годинава ќе субвенционира дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на сопственост или користење, до 30%, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство за 2022 година.

ШТО Е ПОТРЕБНО ЗА ДА ИНСТАЛИРАТЕ ФОТОВОЛТАИЦИ

Прво што треба да се направи е да се добие решение за поставување на фотоволтаици на покривот од Општината во која е објектот. А да се добие тоа потребно е:

-објектот да има имотен лист, односно да е запишан во катастар,
-да има подготвен елаборат за статика на покривната конструкција, го подготвуваат градежни инженери
-и да има елаборат за електрика на фотонапонски електрана, кој го подготввуаат во Стопанската комора за енергетика.

-Согласност од Агенцијата за цивилно воздухопловство за панелите повисоки од 15 метри од највисоката точка на објектот каде што треба да се постават.

Покрај ова потребно уште и да се достави пријава во „ЕВН дистрибуција“ за добивање точка на приклучок за произведената електрична енергија и да се склучи договор со снабдувачот кој ќе го преземе вишокот произведена електрична енергија, ако се продава вишокот на произведена електрична енергија.

И за овие постапки се потребни документи кои треба да се достават до компанијата.

Ова е во случај кога објектот на кој треба да се постави фотонапонска електрана е легализиран. Доколку нема имотен лист, односно е дивоградба, прво ќе треба да се легализира. Оваа постапка трае подолг период и зависи од општинската администрација.

Со последните измени на Правилникот за обновливи извори се овозможи и заедница на домаќинства-сопственици на посебни делови во станбена зграда кои склучиле договор за вршење управувачки услуги со управител на станбени згради, да може да изгради постројка за производство на електрична енергија од обновливи извор до 6 kW, а произведената електрична енергија да се користи за потребите на заедничките делови во станбената зграда.

Соња Танеска

 

Поврзани новости