Министерството за транспорт контра Пецаков за плажите во Охрид

by Fokus

Министерството за транспорт и врски реагира по изјавата на градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков дека Општината ќе спроведе активности за уредување на начинот на кој ќе се стопанисува со плажите на Охридското Езеро во иднина.

Во овој момент Министерството за транспорт и врски и Владата преку Агенцијата за планирање на просторот го изработуваат Урбанистичкиот план за крајбрежниот појас на Охридското езеро во кој целосно ќе бидат вклопени препораките на УНЕСКО, со што ќе се заштити крајбрежјето на Охридското езеро, велат во реакцијата од Министерството, по изјавата на градоначалникот на Охрид дека Општината ќе спроведе активности за уредување на начинот на кој ќе се стопанисува со плажите на Охридското Езеро во иднина.

Пецаков претходно рече дека веќе имал работни средби со надлежните во Министерството за транспорт и врски каде што побарал вметнување на плажите во опфатите во урбанистичките планови, за да може да се предвиди на каков начин ќе се уредуваат и издаваат под концесија.

Тој побарал од државните институции да ги заокружат сите потребни процедури во насока на изнаоѓање начини како плажите ќе можат да бидат издадени под концесии на јавно наддавање.

Се работи на Урбанистички план од државно значење кој се изработува со цел ставање на ред, запирање на узурпирањето на Охридското крајбрежје и негова целосна заштита согласно препораките од УНЕСКО, а во овој момент се собираат податоци од Агенцијата за катастар на недвижности“, велат од Министерството за транспорт и додаваат дека градоначалникот на Охрид е информиран за сите овие постапки од страна на координаторот на Државната комисија за заштита на охридското крајбрежје.

Исто така тие апелираат до новата локална самоуправа во општина Охрид да ги почитува започнатите постапки и планот за управување кој веќе е на сила и заеднички да работиме на стратешкиот план за рехабилитација на регионот, се со цел да се заштити и природното и културно наследство.

Поврзани новости