Министерството за правда ќе направи консултации какво влијание ќе има даденото полномошно од специјалната обвинителка Катица Јанева сите предмети на СЈО да бидат предадени на Јавното обвинителство на РСМ, врз преговорите за новиот закон за јавно обвинителство.
-Во целиот период до сега Министерството за правда не коментира судски и јавнообвинителски одлуки, но во секој случај треба да направиме консултации какво влијание ќе има ова на одредени одредби во законот околу кои дебатираме и дали тие треба да се менуваат, велат од Министерството за правда.
Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје денеска до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија доставил известување од јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, кое го примил преку КПУ Затвор Скопје-Скопје. Од Републичкото Јавно обвинителство во соопштението до медиумите посочуваат дека ќе ги разгледаат овие поднесоци, по што јавноста ќе биде известена.
Претпладнево специјалната обвинителка Катица Јанева, која е во притвор во КПУ Затвор Скопје- Скопје како осомничена за случајот „Рекет“, дала полномошно сите предмети на СЈО да бидат предадени на Јавното обвинителство на РСМ. Со полномошното Јанева ги овластува обвинителите во ова Јавно обвинителство да ги предадат на Јавното обвинителство на РСМ предметите кои се водат во ова Јавно обвинителство и тоа: кривичните предмети во судење, во истрага и во предистрага.