„Транспаренси интернешнал Македонија“ денеска одржа работилница, на која се разговараше за начинот на кој треба да се заштитат оние граѓани кои ќе се охрабрат и ќе пријават корупција. На работилницата, за жал, не присуствуваа едни од најповиканите, поточно немаше претставник од Министерството за правда, како и од Државната комисија за спречување на корупција. На работилницата присуствуваше Петер Верхејен, вршител на должност Амбасадор на Кралството Холандија, кој своето обраќање го започна со цитат на Алберт Ајнштајн.
-„Светот е злобен, но не поради злобните луѓе во него, туку поради оние што гледаат и ништо не превземаат“, истакна Верхејен, кој додаде дека Владата има одговорност да ги заштити пријавувачите, а не тоа наместо неа, да го прави невладиниот сектор и медиумите.
Поранешната судијка во Судот за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца- Николовска, истакна дека луѓето се обесхрабрени да пријавуваат корупција, па затоа според неа мора да се изнајде начин граѓаните да се охрабрат, но и да се заштитат.
-Како сведоци на актуелната ситуација, луѓето се обесхрабрени да делуваат. Факт е дека од пријавувањето на некоја незаконитост во полицијата и обвинителството нема некоја корист, па затоа и ретко се одлучуваат на ваков чекор. Имаме состојба кога опозицијата презентира одредена состојба, а ако не ја презентира ќе стори кривично дело. А, од другата страна имаме пасивност од надлежните, а она што е уште пострашно е што ваквото пријавување се претставува како дестабилизација на државата, вели Цаца-Николовска.
Поранешниот министер за правда, Ѓорѓи Спасов, додаде дека мора да се работи на зголемување на свеста на граѓаните за тоа колку е важно да го пријават секое незаконско или неморално дејствување, зошто според него ниту едно законско решение, и да е најдобро уредено, не може да ги „разбуди“ пријавувачите.
Слаѓана Тасева, претседател на „Транспаренси интернешнал Македонија“, потсети дека во Македонија мора да се изнајде ефикасен начин за заштита на пријавувачите на корупција, бидејќи досегашните искуства говорат дека тие се оставени без речиси никаква заштита.
-Во 2004 година, кога во Антикорупциска ја добивме пријавата за Телеком, од тогаш вработениот Симо Груевски, незаштитат излезе на површина. Тој го изгуби работното место, а спорот за враќање на работа го изгуби и пред Врховниот суд. Или на лидерот на СДСМ, му беше изречена парична казна од 50.000 евра, зошто ја имаше улогата на пријавувач. Кај нас работите се гледаат во обратна насока, наместо да му се суди на пријавениот, правната санкција ја добива пријавувачот, затоа граѓаните не можат да се охрабрат, истакнува Тасева.
Цаца- Николовска на крајот заклучи дека Македонија има систем кој работи на казнување на пријавувачите, отколку на нивна заштита.
На работилницата беше презентирана и анкета, за заштитата на пријавувачите, која ја изработи агенцијата „Рејтинг“. Резултатите покажуваат дека над 70 проценти од испитаниците би пријавиле случај на неетичко и незаконско постапување, а 26,6 проценти не би пријавиле. Од испитаниците 7,5 проценти истакнале дека би пријавиле незаконско постапување во фирмата во која работат, а 22 проценти не би пријавиле. Многу е помал бројот на оние пак кои би пријавиле незаконско постапување доколку тоа не се случува во фирмата во која работат, односно 48 проценти не би пријавиле, а 45 проценти, ќе пријават.
Од анкетата поразителен е податокот што над 13 проценти биле во можност да пријават корупција, односно биле сведоци на истата, но тоа не го направиле дури 10,5 проценти, и тоа најчесто поради страв. Само 11 од 400 испитаници пријавиле случај на корупција. Четворица посочиле дека случајот имал завршница, четворица дека е во тек, а тројца дека случајот не бил решен.
Половина од испитаниците, или 54 проценти сметаат дека пријавувачите немаат никаква заштита, а 49 сметаат дека се заштитени. Дури 70 проценти, пак, одговориле дека би имале последица доколку пријават незаконско работење, а најголемиот број од нив сметаат дека ќе го изгубат работното место или ќе имаат притисоци.