Министерството за култура ќе исплати околу 30 милиони денари за проекти

by fokus

Владата го задолжи Министерството за култура да изврши исплата на вкупно 29.5 милиони денари за проекти од областа на фолклорот, музичката и музичко-сценската дејност и интердисциплинарните проекти за 2020 година, откако денеска на седница ја разгледа и ја усвои Информацијата за утврдената фактичка состојба од извршениот преглед и контрола на проекти избрани на годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес.

„Министерството за култура во законски уредена постапка и по спроведен инспекциски надзор од страна на Секторот за управен и инспекциски надзор при министерството ќе ги раскине договорите со оние корисници кои согласно извршената контрола и проверка немаат доставено комплетна документација и доказ за реализиран проект и ќе бара враќање на уплатените средства“, наведува Владата во соопштението.

Во рок од пет дена од денот на усвојувањето на оваа информација, Министерството треба да ги информира Државниот завод за ревизија, Државната комисија за спречување корупција и Управата за финансиска полиција со цел, согласно своите законски надлежности, да извршат контрола на работењето на Министерството за култура во делот на законската основаност на склучените договори и анекси на договори на 24 јули 2020 година.

Поврзани новости