Министерството за информатичко општество и администрација реагира на тврдењата на ЗНМ во врска со податоците што денеска беа изнесени на прес конференција на новинарското здружение, а во врска со трошење на пари за субвенционирање на националните медиумски куќи за производство на домашна играна и домашна документарна програма.
„Од податоците и фактите изнесени на денешната прес-конференција очигледно е дека Насер Селмани сега, како и обично, не зборува вистина и дека тој лично нема интерес да се негува македонската култура и традиција,“ смета Министерството за информатичко општество и администрација.
Министерството за информатичко општество и администрација тврди дека го помага производството на домашна играна и домашна документарна програма за трговските радиодифузни друштва (националните тв куќи) и јавниот радиодифузен сервис, согласно членот 92 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој ги содржи критериумите и условите за апликација, начинот на работата на Меѓуресорската комисија која ги одобрува проектите, следењето на процесот на производство, како и исплатата на надоместокот за покривање на трошоците.
„Станува збор за исплата на надоместок за покривање на трошоците во висина од 50 отсто при производство на домашната документарна програма и на домашната играна програма“, се наведува во соопштението.
Министерстото вели дека ваков вид на стимулирање на домашната продукција постои во земји членки на ЕУ и други европски земји, како што се Хрватска, Словенија, Ирска, Србија, Црна Гора итн., додека пак во Израел постои фонд за поттикнување на локалната продукција.
„По однос на досега исплатените средства на медиумите од страна на Министерството за информатичко општество и администрација, информираме дека во 2014 година, се исплатени вкупно 32.946.324 денари, во 2015 година се исплатени вкупно 30.184.446 денари, додека во 2016 година вкупно 30.062.150 денари. Станува збор за исплатени средства на ЈП Македонска радиотелевизија, ТРД Сител, ТРД Канал 5, ТРД Телма, ТРД Алфа и ТРД Алсат М. Овие бројки не соодветствуваат со податокот објавен на денешната прес-конфернција на ЗНМ, каде што беше наведено дека се потрошени 700,000.00 eвра во 2016 година за оваа намена“, се наведува во соопштението.