Колумна на реисот Сулејман Реџепи: Инфантилизација

by fokus

Пишува х. Сулејман еф. Реџепи

Соочени со тешкотиите на преживувањето и изморени од политичката криза што трае по долго од нај песимистичните очекувања, се случува често да ги слушнеме дилемите на нашите граѓани кои што прават споредби и повлекуваат паралели меѓу минатото и сегашноста. По убаво ни беше во комунистичко време или по убаво ни е сега ?

По возрасните, тие што живееле и во комунизмот, некако природно си ги доловуваат глетките од големите партијски конгреси и “величенствените“ собири на кои што илјадници луѓе се преправаа дека слушаат нешто, иако беа свесни дека се што се кажуваше таму беше една голема лага и масовно перење на мозоците.

Но, не се случува ли и денес истото, скоро три децении од менувањето на системите?

Ако го погледне медиумскиот и јавниот простор, човекот што не прифаќа да го доживуваат како шашардисан ќе примети една парада што се врти во круг и ќе ги слушне бош муабетите на политичките газди и на нивните манекени што, без срам и перде, не тераат да веруваме во нешта што се во целосна спротивност со реалноста.

Парадоксот

За жал, во моментот, ние сме сведоци на кулминацијата на еден по долг процес на елиминацијата на тие што биле и сеуште се против идеологијата на исклучивост и исклучување. Носителите на идеологијата што Македонија ја доживуваат само како своја бавча и бавча на својот народ, промовирајќи генерации што без размислување ја прифаќаат  таа идеологија, мора да се признае дека створиа прилична маса на луѓе . А таа пак маса, како метод на конфронтирање со неистомислениците не го прифаќа судирот на аргументите, таа маса претпочита некои други форми на конфронтирање.

Гледајќи ја инфантилизацијата на еден дел на јавното мнение и на оној дел на масите што свесно прифаќа да биде инструментализиран, ние всушност ги гледаме напорите на сивите еминенции на една утната идеологија што со своите последни сили се обидуваат земјата да ја турнат во ситуација на еден контролиран хаос  кој што , по потреба, ќе го ориентираат кон меѓуетнички и меѓуверски конфликти.

И, ете го парадоксот: Судирите што се крчкаат, било да се меѓуетнички или внатреетнички, и навредливиот и насилен став кон тие што инаку размислуваат, се оправдуваат како да се идеали на слободата и на одбраната на нацијата и на државата. Во тој конечен судир со “предавниците и шпијоните, со наметнувачите на уставните измени и со предлагачите на федерализација“ не смее да има ниту еден неутрален поединец, бидејќи “ државата и народот се во опасност“.Ставови  што не се разликуваат воопшто од едноумието и некогашната политичка униформност, би рекол. Но, за разлика од некогашниот систем што преку лаги, репресии и бајки барем искрено се обидуваше да ја сочува државата, денес се соочуваме со една политичка филозофија и класа што шири омраза меѓу луѓето за да се заштиити себеси, без оглед што може да ја разнебити и конечно да ја загуби државата

Во секој случај, атмосферата што владее во Македонија и лагите што како абсолутна вистина им се импонираат на масите што си го арчат времето низ протести, се закануваат да се претворат во ритуали што го најавуваат погребот на друштвената свест и совест.

Секуларното свештенство и ова другово свештенство

Isaiah Berlin, британскиот историчар на идеи и филозоф, бранител на западниот либерализам од тоталитаризмот, во историјата на политичките идеи го афирмираше изразот “Секуларно свештенство“ со кое што ги означи комунистичките интелектуалци што ја штитеа државната идеологија и злосторствата на власта.

Очигледно, триесет години од падот на комунизмот, тој израз слободно може да се употребува за интелектуалците што и припаѓаат на една друга идеологија, на таа што се гради врз национализмот и шовинизмот. Секуларното свештенство , сега облечено во друго руво, опстојува на својата премиса дека обичниот човек треба да го прифати фактот дека неговиот живот и неговите размислувања не се битни. Ете ви го пред очи секуларното свештенство: некогаш убедени комунисти, денес националисти и шовинисти маскирани како академици,бивши  председатели на Парламент, уметници…

Но, што со ова другото свештенство, со свештенството што е заречено дека ќе му служи само на Бога а всушност најмалку нему му служи ? Што да се каже за свештениците што со своите скандалозни настапи иницираат омраза пеејќи националистички песни на собири организирани од некакви “патриотски“ здруженија што се чаламат дека ти биле спремни насилно да го бранат“националниот идентитет“. Идентитет кој што впрочем воопшто не им е загрозен од тие од кои што сакаат да го бранат.

Морам да кажам дека националистичката и военохушкачка реторика на одредени свештеници, директно допираат до чувствата на Албанците и на сите Муслимани во Македонија. Таа реторика представува флагрантна провокација на еден народ на припадниците на една вера кои што толку мирно и внимателно, со толку добронамерност го следат развојот на настаните во земјата.

Би било добро и пожелно ако тој дел на свештенството што отворено се стави на страна на  политичката групација што се обидува некако да преживее, се вразуми. Ако не сакаат да се потрудат околу смирувањето на страстите, барем да не ги разгоруваат додатно. Тие знаат многу добро дека играњето со верските чувства представува опасна игра со оган што не се гаси без крвопролевање

Впрочем, свештенството што се обидува да добие некакви поени од верниците преку нивното наведување кон насилството, е всушност свештенство што посакуваните поени не умее да ги добие со ширењето на Божјата љубов и мирот меѓу луѓето што го шири верата.

Мислам и верувам дека вистинското свештенство треба да стои на страна од валканиците што може да ги рефлектира дневната политика. Денес и тука имаме затегнување на односите меѓу етничките и верските заедници ексклузивно заради вината на една националистичка политичка групација, а токму таа групација ја подржуваат групата свештеници кон кои нивните верски институции не превземаат ништо. А би требало да го сторат тоа, бидејќи утре може да е многу доцна.

Поврзани новости