Континуираното забрзување на растот во текот на 2018 година и позитивните поместувања во првото тримесечје од 2019 година се основа за нагорна ревизија на проекцијата за економски раст во 2019 година на 3,5%. Растот на БДП се очекува да се зголеми на 4,2% во 2020 година, и во наредните две години да продолжи со посилен интензитет, односно да достигне пет отсто.
Ова, како што соопштуваат од Министерството за финансии, се проекциите на Министерството за финансии во Фискалната стратегија што беше усвоена од Владата на Република Северна Македонија.
Фискалната стратегија се усвојува за период од три години и ги содржи среднорочните насоки и цели на фискалната политика, основните макроекономски проекции, износите за главните категории проценети приходи и расходи, како и проекциите за буџетскиот дефицит и долгот. Фискалната стратегија e одраз на среднорочните фискални цели и стратешките приоритети на Владата на Северна Македонија.
Според Фискалната стратегија, приватната потрошувачка ќе има значаен придонес врз економскиот раст во овој среднорочен период, со просечен годишен раст од 2,8 отсто на реална основа. Растот на приватната потрошувачка се поврзува со растот на вработеноста во приватниот сектор, поддржан и преку активните мерки за вработување, зголемувањето на платите во економијата, како и мерките за зајакнување на социјалната заштита, кои ќе резултираат со раст на расположливиот доход на домаќинствата, а дополнителен импулс ќе има и растот на кредитирањето. Проекцијата за раст на бруто-инвестициите во периодот 2020-2022 година изнесува 6,1 отсто во просек на реална основа.
Во неа се наведува дека зголемената доверба на економските субјекти, поповолната деловна клима, подобрените евроатлантски перспективи, приливот на странски директни инвестиции и владините мерки за поттикнување на инвестициите ќе влијаат значително врз растот на инвестициите, а позитивен придонес се очекува и од планираните инвестиции на јавниот сектор. Во овој период, нето-извозот се очекува да има позитивен и зголемен придонес врз растот на економската активност. Извозот на стоки и услуги е предвидено да забележи реален раст од 9,1 отсто во просек. Позитивните движења кај потрошувачката, инвестициите и извозот ќе резултираат со просечен реален раст на увозот на стоки и услуги од 6,8 отсто.
Со цел зајакнување на фискалната дисциплина, среднорочната фискална стратегија воведува лимити на буџетските расходи, и тоа вкупни лимити, и лимити по буџетски корисници. Во таа насока, годишната стапка на раст на вкупните расходи на Буџетот на Република Северна Македонија постепено ќе забавува од 14,2 отсто во 2019 година на 5,2 отсто во 2022 година.